Добрите вести од ЕУ ја раздвижија и Македонската берза


Берзанскиот индекс МБИ 10 на Македонската берза денес се зголеми за четири проценти, завршувајќи го денот на 3.677,48 поени и прекинувајќи го речиси дваесетдневниот тренд на намалување на цената на акциите. По вчерашниот пораст за четириесетина поени, денешните 1.142 поени, според берзанските познавачи, се на некој начин верификување на добрите вести кои вчера пристигнаа од Брисел за отворање на претристапните преговори со Македонија, веднаш кога за тоа ќе се стекнат услови. Но, и своевидна рефлексија на случувањата на берзите во Европа и во САД кои исто така беа во плус, но таму поради други причини – усвојувањето на масивниот план за поддршка на американската економија погодена од корона вирусот, во износ од фантастични 2 илјади милијарди долари, по консензусот постигнат меѓу Републиканците и Демократите во Конгресот на САД.

Изминатиот период на Македонската берза, според сите критериуми може да се означи како „црн“ – од 06 до 19 овој месец берзанскиот индекс МБИ 10 од 4.966 поени потона на 3.545 поени достигнувајќи го најниското ниво повеќе од една година наназад. Во неколку наврати беше прекинато и тргувањето, поради пробивањето на лимитите поставени од регулаторите. Ваквите автоматски стабилизатори дури беа и сменети, токму поради нестабилноста и неизвесноста на пазарот на капитал. Пазарната капитализација на десетте најтргувани акции се намали за околу половина милијарди евра, а во неколку денови сите десет котирани акции беа во црвено.

Во два наврати берзанскиот индекс потона во речиси рекордни износи во еден ден – на 12 март индексот потона 9,38 отсто, што беше втор најголем пад во историјата на овој берзански показател. Поголем од овој пад се случи во екот на финансиската криза, на 16.10.2009 година кога за еден ден изгуби 9,77 отсто од вредноста. Неколку дена подоцна МБИ 10 потона дополнителни 8,68 отсто.

Денес меѓутоа, сликата беше целосно поинаква – акциите на девет од вкупно десет акции кои го сочинуваат индексот забележаа раст од 0,10 до 5 отсто. Најмногу се тргуваше со акциите на Комерцијална банка со кои беше остварен промет од 23,2 милиони денари и чија вредност се зголеми за 4,99 отсто, на НЛБ банка, со промет од 8,3 милиони денари и кои поскапеа за 0,10 отсто, на „Макпетрол“ со промет од 7,2 милиони денари и пораст на вредноста на акциите од 4,97 отсто, на „Гранит“ со промет од 2,3 милиони денари и пораст на вредност на акциите за 4,88 отсто и тн. Најмногу се зголеми вредноста на акциите на Стопанска банка Скопје за 5 отсто, при што беше остварен промет од 626 илјади денари. Вкупниот промет на Берзата денес беше 47,7 милиони денари остварен во 172 трансакции.

Доколку и во наредните денови продолжи ваквиот нагорен тренд на Берзата, тогаш оние кои купија акции деновиве, можат да сметаат на одлични капитални добивки. (М.Ј.)