Добрила Кацарска на чело на Уставниот суд


Фото: Б. Грданоски

Неколку месеци по нејзиниот избор за уставен судија, Добрила Кацарска денеска беше избрана за нов претседател на Уставниот суд. Таа добила шест гласа од деветте уставни судии што претставува неопходното двотретинско мнозинство.

Досегашниот претседател Сали Мурати ја закажа седницата за избор на нов претседател затоа што нему и на уште двајца уставни судии (Никола Ивановски и Елена Гошева) на крајот на месецов им истекува деветгодишниот мандат. Од јуни Кацарска ќе го води судот со шест судии, што е минимумот за одлучување. Собранието треба да ги избере новите тројца уставни судии, но засега нема навестување кога може да се случи тоа.

Пред да биде избрана во Уставниот суд Кацарска со децении работеше како судија, а последниве години ги судеше некои од најкомплицираните предмети, како процесот за учесниците во настаните од 27 април. Опозицијата пред парламенатрните избори лани во јули ја обвинуваше дека работела под политички притисок.