Добри вести од Хрватска: Излечени првите тројца пациенти од корона вирус, во БиХ нови случаи


Првите три пациенти кои во Хрватска заболеа од корона вирус покажаа негативни тестови на вирус, рече хрватскиот министер за здравство Вили Берош.

Тие се уште се во карантин, а ако вториот тест биде негативен, ќе бидат пуштени дома во рок од 48 часа, пренесе „Јутарњи“.

Министерот Берош утрово објави дека во Хрватска за сега нема нови случаи на заболени од Ковид-19. Бројот на заболени и понатаму останува 19, а сите пациенти се во добра состојба и имаат благи симптоми на болеста.

Во текот на ноќта направено е уште едно тестирање на корона вирус, а наодот е негативен. Се работи за девојче кое оди во едно загрепско училиште. Денеска епидемиолози ќе го посетат училиштето, иако можноста за зараза е исклучена, вели министерот.

Во БиХ регистрирани се четири нови случаи

Министерот за здравство на Република Српска Ален Шераниќ потврди дека во република Српска потврдени се четири нови случаи на заразени од болеста, пренесе Кликс.

Осум случаи се потврдени во РС, а во Федерацијата порано беа потврдени три случаи со што вкупниот број заразени во БиХ се зголеми на 11.

Онлајн настава во Сараево

Во основните и средните училишта во кантонот Сараево поради корона вирусот во наредните 15 дена редовната настава ќе биде заменета со онлајн настава, соопшти Владата на Кантонот Сараево.

Исто така, сите воннаставни активности се сопрени, речено е во Министерството за образование на Кантонот Сараево.