Доајените на култура ќе бараат со закон да им се врати разликата до највисоката пензија

Ново прашање е дали ќе се врати и титулата Национален уметник која се доделуваше од 2011 и која беше укината во исто време кога беа намалени националните пензии


Фото: Б. Грданоски

Дали со новиот Закон за култура, долго време закочен во Собрание, ќе се исправи неправдата кон доајените на културата, добитници на државните награди по 2017 година, кои добиваат месечен паричен надоместок во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и износот од 38.500 денари? Станува збор за десетина истакната културни дејци кои веќе шест години го бараат ова право, кое им е укинато со измена во законот со која горната граница од која ќе се пресметува надоместокот наместо да биде врзано за растењето на највисоката пензија, ( која за 2016-та година беше 47.873 денари), беше фиксирана на 38.500 денари.

Претходно, со законското решение кое стапи во сила од 1 јануари 2012 година, сите уметници и стручни работници од областа на заштитата на културното наследство кои оствариле право на пензија и кои се добитници на една од државните награди „11 Октомври“, „Св. Климент Охридски“ или државната награда „23 Октомври“ од областа на културата и уметноста, имаа право на месечен паричен надоместок во висина од разликата меѓу пензијата која ја остваруваат во висина од разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во Република Македонија во претходната година, за тековната година.

Надоместокот кој е во висина на разликата меѓу пензијата што ја остваруваат и највисоката пензија во земјава во претходната година продолжи да се исплаќа само на оние што веќе го оствариле тоа право до 2017 година.

Надоместокот се исплаќа со средства од Буџетот на државата, преку Министерството за култура, сметано од денот на стекнувањето на правото на надоместок, па до крајот на животот. Ова законско право согласно евиденцијата на Министерството за култура го остваруваат над 70 уметници, односно стручни работници од областа на заштитата на културното наследство.

Одлуката за национални пензии беше донесена во 2011, кога министерка беше Елизабета Канческа-Милевска, а Предлог-законот да се намалат средствата за национална пензија, кој беше подоцна усвоен, го подготвила работна група формирана во април 2018 година, со решение на тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, а во неа биле вклучени претставници на синдикатите, на Министерството за информатичко општество и администрација, на национални институции и на граѓанскиот сектор.

Образложението било дека овие бенефиции не придонесуваат за развојот на културата, а предизвикуваат големи финансиски последици на буџетот во делот на културата.

Групата на „оштетените“ добитници на државна награда, по 2017 година, како што дознаваме, барале прием кај досегашната министерка за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, ама тој не се реализирал. Сега, со истото барање, ќе се обратат и до новиот министер за култура, Зоран Љутков, од кого очекуваат поддршка да се врати претходното законско решение кое стапи во сила од 1 јануари 2012 година.

Ново прашање е дали ќе се врати и титулата Национален уметник која се доделуваше од 2011 и која беше укината во исто време кога беа намалени националните пензии. Титулата ја доделува претседателот на државата, врз основа на предлог од министерот за култура, а по претходно мислење на комисија. На носителот на титулата Национален уметник од буџетот му доделуваше месечен паричен надоместок во износ од две просечни плати доживотно и имаше право, со средства од буџетот, да му се издаде монографија за неговото творештво.

Досегашни носители се: пијанистот Симон Трпчески, режисерот Милчо Манчевски, кралицата на ромската песна Есма Реџепова Теодосиевска, оперските певци Борис Трајанов и Ана Дурловски и поетот Никола Маџиров. (Л.С.)