„Доаѓаме со поклон“ – самостојна изложба на Шејла Камериќ и разговор со уметницата


 

Во соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, по првпат во Северна Македонија гостува Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци. Нејзината изложба насловена „Доаѓаме со поклон“ ќе биде официјално отворена вечер во Чифте амам во 20:30 часот, а на отворањето ќе претходи разговор со уметницата од 19 часот.

Изложбата се реализира во соработка со Националната галерија на РСМ промотор на современиот концепт на отворени јавни институции, а кураторка е Наталија Пауниќ. Модератор ќе биде кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитријевиќ.

Како што наведуваат организаторите КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, со оваа изложба имаат цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и пост-структуралистичките гледишта, изложбата исто така има за цел да расветли обични, домашни и познати секојденвни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание.

-Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, коешто прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс-панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ, се наведува кон изложбата.

Шејла Камериќ (Сараево, 1976) живее и работи во Берлин, Истра и Сараево. Студирала на Уметничката Академја во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

Има реализирано голем број индивидуални и групни изложби во најеминентните музеи низ Европа, но и во Њујорк, Вашингтон, Токио, Гуангжу и Квангџу Биенале во Кина, Маракеш.

Наталија Пауниќ е кураторка на современа уметност и писателка од Белград, Србија. Дипломирала уметност на Голдсмитс, Универзитетот на Лондон, 2017, откако магистрирала на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград во 2015. Работи како директор во галеријата Eugster II Belgrade, а исто така води и номадски простор за проекти, наречен Вождовачка Галерија, којашто оперира респонзивно на архитектурата на различни места.

Бранислав Димитријевиќ е професор по историја и теорија на уметноста на Колеџот за уметност и дизајн во Белград, Србија. Тој предава и пишува на меѓународно ниво за уметноста, филмот и политиката во социјалистичка Југославија, како и за авангардната уметност, современата уметност и изложбените истории. Од средината на 1990-тите курирал изложбени проекти кои ги истражуваат просторната и контекстуалната специфичнот. Меѓу неговите кураторски проекти се вклучуваат и „Добар живот“ (Геозавод, Белград, 2012, со М. Ханула) и „Нема мрежа“ (2011), првото издание на Биеналето на Time Machine во нуклеарниот бункер во Коњиќ. Димитријевиќ е активен и како координатор за културна политика во политичката организација „Не давимо Београд“, стои во соопштението од Национална галерија на Република Северна Македонија.