До Владата упатени предлози што да подобри и на што да се фокусира


Фото: Б. Грданоски

Во наредните две години од мандатот Владата да работи на подобрување на условите за бизнис, да не дозволи да има случаи во кои ќе биде жртвувана правдата, да покаже нулта толеранција против корупцијата, да ја врати довербата на граѓаните во институциите, да ги спроведе реформските закони што ги покриваат проблемите на ранливите групи во општеството, како и да го реформира образованието и да одвои повеќе финансии за културата.

Тоа се дел од препораките на учесниците на дебатата за време на форумот „Две години Влада – одговорно пред граѓаните“: Да се посветиме и да работиме за подобро општество како достоен дом за живот на сите граѓани, на која пред премиерот Зоран Заев и министрите беа претставени проблемите со кои се соочуваат граѓаните во различни области.

– Владата има основна цел да создава добро опкружување за фирмите, поволна инвестициска клима која ќе ги поттикне бизнисите продуктивно да инвестираат, рече претседателот на МАНУ Таки Фити.

Тој дополни дека тука има многу работа за Владата во иднина, која мора да обезбеди модерна крупна стопанска инфраструктура, еднаков праведен пристап на сите фирми до јавните набавки и до сите облици на државна помош.

– Имаме многу тешка ситуација во доменот на реализација со менаџирање на јавните инвестици. Години наназад постои јаз меѓу планираните и реализираните јавни инвестиции. Основната причина е тоа што имаме недоволен капацитет на ресорните министри и јавната администрација. Мораме многу поинтензивно да работиме на создавање на кацапитет на јавната администрација, преку обуки и тренинзи. Ако се создадат проефсионалци тие да не се менуваат со промените на Владата, рече Фити, препорачувајќи подобро да се менаџира со ИПА фондовите, да се работи на промена на структурата на економијата, со поголемо учество на технолошкиот прогрес, да се работи на поврзување на странските инвститори со локалните фирми, и да се спроведат радикални реформи во обарзованието.

Универзитетската професорка Беса Арифи, во осврт на состојбите во правосудството, наведе дека во наредните две години не треба да се дозволи, како што рече, да биде жртвувана правдата, а втор фокус да биде борбата против корупцијата.

– Во овие две години мора да покажеме дека има нулта толеранција против корупцијата. За тоа ни требаат механизми. Владата не треба да инвестира само во капитални инвестици, туку повеќе во судството, јавните обвинителства и судовите поефикансо да гонат корупција, рече Арифи.

Претседателката на НВО „Амбрела“ и граѓанска активистка Љатифа Шиковска, која се осврна на состојбите во социјалните и здравствените права, констатираше дека за Ромите како најранлива категорија не се случиле видливи промени во приоритените области како образование, домување и здравство. – Се надевам дека нема да чекаме уште многу декади за да се случат одредени промени, рече Шиковска, изразувајќи надеж дека ќе има реални промени со неодамна донесениот Закон за социјална заштита.

Меѓу останатото, побара да се вложи повеќе во инфраструктурата на ромските населби, тие да се легализираат и да се изработат детални урбанистички планови, како и да се решат проблемите за пристапот до здравствените услуги.

Според Уранија Пировска, директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во следните години приоритет на Владата ќе биде да ја врати довербата на граѓаните во институциите, а сите реформски закони што се донесени да бидат применети. – Тоа ќе значи во оној момент кога граѓаните ќе отидат на шалтер и без оглед на нивниот статус да добијат соодветна услуга. Се додека не се случи тоа ќе немаме вистински реформи, рече Пировска.

Таа побара во иднина Комисијата за заштита од дискриминација да не биде составена од партиски војници, Народниот правобранител да не се избира со претходен договор меѓу партиите. Комисијата што треба да врши надозр врз прислушувањето се уште не почнала со работа, а Парадата на гордоста ќе биде уште еден тест за зрелост во државата, посочи Пировска.

Новинарот Томислав Кежаровски, зборуваше за вредностите на слободата на говорот, посебната улога во нејзината заштита на медиумите и новинарите, при што, рече, е важен степенот на квалитетот на информирањето на граѓаните.

– Слободата на информирање е некој вид на противтежа на моќта затоа што државите често се претставуваат како да им служат на граѓаните во името на општите интереси, но знаеме дека не е секогаш токму така и оти носителите на моќта и на онаа економската и на онаа политичката се наклонети кон нејзини злоупотреби, рече Кежаровски, оценувајќи дека има напредок, но претстои уште многу работа.

Според премиерот Зоран Заев, особено е важно тоа што досега е направено да биде од непосредна вредност за граѓаните, од директен интерес за секој поединец на нашето општество.

– Сите сме свесни дека треба и навиките да ги менуваме. Прво, јавната администрација. Ги повикувам сите одговорни лица во администрацијата да видат во фиоките, да ги разгледаат уште еднаш предметите што не ги решиле. Да се најдат решенија. Владата треба да носи одлуки, а Собранието да носи закони во интерес на граѓаните. Бизнис секторот, да носи одлуки за нови инвестиции. Земјоделците сега е момент да ги искористат мерките. Работниците мора да ја подигнат продуктивноста. Не може повеќе да се бараат заобиколни начини. Судството, треба да носи правда. Лошото минато да не се врати. Сега треба да направиме храбри чекори сите. Солидарноста мора да биде вградена во се што правиме. Институционалните механизми ги користиме сите за да помогнеме. Мора да водиме грижа кон најсиромашните за да имаме солидарно општество, рече премиерот Заев.

Тој упати повик до сите да дадат свој придонес, да се посветат на работа за остварување подобро општество како достоен дом за живот на сите граѓани.

– Од сите нас зависи. Целта е сиромаштијата да ја искорениме и да имаат еднакви шанси сите во држава која, со членството во НАТО, и со силните европски перспективи, прави крупен чекор напред, рече премиерот Заев.