До УЈП поднесени 23.861 барање за финансиска помош за исплата на плати

Вкупно 23.861 барање заклучно со вчера се поднесени до Управата за јавни приходи за владината мерка за финансиска поддршка за исплата на плати за април и мај во износ од 14.500 денари за вработените во реалниот сектор.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска денеска на прес-конференција во Владата соопшти дека со оваа мерка ќе бидат опфатени 21.542 компании.

– Барањата ќе се обработат и потврдат за три дена и ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата од каде ќе се врши исплатата, рече Лукаревска, додавајќи дека сите работодавачи со комплетна документација ќе бидат информирани за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе ја добијат.

Од угостителскиот сектор поднесени се 2.377 барања, од туристичките агенции и тур оператори 253, од секторот транспорт 2.177, објекти за сместување 258 барања и 16.625 барања од останатите дејности.

За финансиска поддршка за исплата на плати конкурираа и физички лица кои вршат самостојна дејност и според поадтоците на УЈП за остварување на ова право поднесени се 5.840 барања.

Одговарајќи на новинарски прашања, колку вработени се опфатени со поднесените барања, Лукаревска рече дека тоа ќе се знае по нивната обработка.

Инаку, до крајниот рок за изјаснување за поврат од ДДВ, 5 мај, вкупно 8.700 лица одлучиле да го донираат повратот на ДДВ во износ од 9.529.917 денари.

„Средствата ќе се донираат во Фондот за справување со Ковид-19. Во УЈП пристигнаа мејлови од граѓани кои погрешно пристиснале опција „донирај“ и бараат да им се исплатат средствата. Дополнително ќе известиме за начинот на исплата“, рече директорката нан УЈП, Лукаревска.