До среда треба да му се одземе мандатот на Груевски

Точката за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски до вчера не беше закажана, иако треба да се разгледа до среда, кога изминува рокот од 15 дена по известувањето добиено од собранискиот спикер, Талат Џафери. Дотогаш Комисијата прво треба да го разгледа законот за агенција за национална безбедност, за кој се поднесени педесетина амандмани. Откако ќе заврши расправата за овој закон, пратеникот и претседател на Комисијата, Павле Богоевски, ќе ја закаже и седницата на која ќе се расправа за мандатот на Груевски.

Џафери во средата испрати допис до Комисијата со кој ја извести дека пратеникот Груевски неоправдано бил отсутен од собраниски седници повеќе од 6 месеци. Во членот 59 од собранискиот Деловник пишува дека по добивањето на известувањето, Комисијата има рок од 15 дена да заседава и потоа предлогот кој ќе го достави до парламентот да биде разгледан на првата собраниска седница.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, не се откажува од барањето Богоевски да си поднесе оставка. Симболично, од подмладокот на партијата  пред Собранието оставија килограм брашно за пратеникот. Во меѓувреме, МВР и скопското Обвинителство истражуваат кој е „Илија Громовник“, псевдонимот кој стои зад корисникот на новоотворениот профил на руските социјални мрежи, со локација во Будимпешта. Не се исклучува можноста помош за откривање на објавувачот на „бомбите“ да се побара и од Интерпол.