До Нова година РЕК „Битола“ ќе добие „А“ интегрирана еколошка дозвола

Но без оглед на тоа, не се очекува некоја голема промена на квалитетот на воздухот


 

БИТОЛА – Оптимистички најави испраќа Министерството за животна средина дека РЕК „Битола“ конечно до крајот на оваа година ќе ја добие „А“ интегрираната еколошка дозвола.

„Да, се очекува дозволата да биде издадена до крајот на годината“, потврдуваат од Министерството на Насер Нуредини за „Независен“.

За волја на вистината битолчани со години наназад ги слушаат ваквите најави. Особено плановите во кој правец треба да се движи РЕК „Битола“ во делот на намалување на загадувањето. Фактите се неспорни дека  Битола со години наназад е на врвот од листата на најзагадени градови во Македонија според сите релевантни мерења, а според некои европски мерења и меѓу најзагадените градови во Европа.

На 21 септември годинава,  Министерството за животна средина ја пласираше  веста  во повеќе  медиуми со наслов „Нуредини: Термоелектраните  имаат  ‘А’  интегрирана  дозвола, ќе има контроли дали се почитуваат стандардите“, во која се потврдува дека сите термоелектрани во нашата држава имаат „А“ интегрирана дозвола, што го отвори прашањето дали министерот Нуредини воопшто знае дека  РЕК „Битола“ сѐ уште ја нема дозволата за екологија.

Од Министерството за животна средна велат дека „изјавата е генерална и во насока дека постапката за издавање на дозвола за усогласување со оперативен план за РЕК ‘Битола’ е речиси завршена и се очекува во најскоро време дозволата да се издаде“, велат од таму.

Медиумите веќе интензивно неколку години наназад, особено по доаѓањето на СДСМ на власт и пред секои избори ја пласираат веста дека РЕК „Битола“ е „на чекор“ до „А“ интегрирана еколошка дозвола. Со најава дека оперативниот план содржи редица на мерки и активности кои РЕК „Битола“ се обврзува да ги исполни во даден временски период, со цел производството на електрична енергија да биде во согласност со еколошките стандарди на Европската унија.

Сега од Министерството за животна средина објаснуваат зошто настанал застој во издавањето на дозволата.

„Застојот во издавање на дозволата е резултат на потребата Оперативниот план на дозволата да се усогласи со Националниот план за редукција на емисии (НПРЕ), а датумите од НПРЕ да се усогласат во Законот за животна средина чие усвојување беше заглавено во собраниската процедура“, појаснува Министерството.

Не  е тешко да се претпостави дека Битола е на прагот на уште една тешка зима во поглед на загадувањето на воздухот, особено што граѓаните се враќаат на печките на дрва, стравувајќи од рестрикции во снабдувањето со електрична енергија.

На прашање какви  се очекувањата за оваа зима на Министерството за животна средина во  поглед  на загадувањето на  воздухот во Битола кога веќе  се знае дека производството на струја во РЕК „Битола“  ќе продолжи со енергенсите – јаглен и мазут, од Министерството се децидни дека не се очекуваат драстични промени во квалитетот на воздухот. 

„Во зимскиот период не се очекува некоја голема промена на квалитетот на воздухот, бидејќи и до сега РЕК ‘Битола’ работеше на јаглен и на мазут. Останува обврската на општината во случај на надминување на праговите на алармирање дефинирани за загадувачките субстанции да ги применат краткорочните акциони мерки од локалните планови“, порачуваат од Министерството за животна средина.