До крајот на мандатот ќе се укинат 75 отсто од парафискалните давачки, ветува Владата

Во наредните четири години, односно до крајот на мандатот ќе бидат укинати 75 отсто од парафискалните давачки, најави денес премиерот Зоран Заев на средба со стопанствениците од Сојузот на стопански комори.
„Таргет на новата Влада е до крајот на мандатот 75 отсто од парафискалните давачки да ги отстранува и истовремено да има одредено намалување на даноци, со цел стимулирање на развој на економијата и новите информатички технологии и тоа скалесто до 2021 година од 18 проценти на 5 проценти, до 2022 на 3 отсто и 2023 година на 0 отсто“, рече Заев.
Во делот на угостителството и туризмот, за ресторанските услуги ќе се воведе единствен данок од 10 отсто, додаде тој.
Намалување или укинување на парафискалните давачки е едно од барањата кое е долго време е на врвот на агендата на стопанствениците. На денешната средба со ова се согласи и премиерот велејќи дека има бројни давачки кои ги оптоваруваат бизнисите и кои често се повисоки од редовните даноци, а некои од таквите зафаќања ги нема во други држави.
Заев исто така рече дека владата ќе води политика на предвидливост. Даночните стапки остануваат како и до сега – данокот на добивка останува на ниво од 10 отсто, а продолжува одложувањето на плаќаањата на аконтациите од данокот на добивка. Данокот на личен доход останува исто така на 10 отсто, иако владата останува доследна на воведувањето на правичното прогресивното оданочување преку инклузивен процес на разговори и дебата.
Една од болните точки е и сивата економија. Од Владата најавувааат засилена борба за нејзино сузбивање.
„Останува и заедничката заложба за искоренување на сивата економија која е поголема од 30 отсто и нанесува штета врз буџетот и парите на граѓаните и чесните фирми во нашата земја, преку мерки креирани заедно со УЈП, македонски царини и државните инспекции и преку зајакнување на инспекциските служби“, рече премиерот Заев.