До крајот на годината во функција ќе биде апарат за зрачна терапија за онкологија „8 Септември“
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски по повод Денот на независноста денеска заедно со министерот за здравство Беким Сали присуствуваа на презентација на апарат за зрачна терапија за онколошки пациенти во Градската болница „8 Септември”.
Апаратот кој треба да биде целосно ставен во функција до крајот на годината го презентираше директорот на болницата Христијан Костов.
Во продолжение ја пренесуваме изјавата на премиерот Ковачевски по повод овој настан.
„Со овој апарат кој се очекува да биде ставен во полна функција до крајот на годинава, значително треба да се растерети притисокот на онколошкото одделение на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, бидејќи дури една третина од тамошните пациенти, здравствената нега и услуга ќе продолжат да ја добиваат во болницата „8 Септември“ на високо квалитетен акцелератор од понова генерација, ваков акцелератор нема во регионот овој е од понова генерација“, рече Ковачевски.
Ваквите инвестиции за Владата се приоритет, потенцира Ковачевски, бидејќи нашата цел е подигнување на услугите во здравствениот систем и инвестирање за реалните потреби на граѓаните.