До крајот на годината ќе биде готова улицата „Елисие Поповски“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во работните активности за реконструкција на улицата „Елисие Поповски“ во населбата Капиштец. Во тек е почетната фаза на асфалтирање. Поставен е првиот слој асфалт, наместени се бетонските рабници, а тротоарите ќе бидат поплочани со павер елементи и делумно проширени.
„Станува збор за фреквентна улица која подолг период беше во лоша состојба. Со реконструкцијата ќе обезбедиме квалитетна и безбедна инфраструктура, а ќе се зголеми и сигурноста за сите учесници во сообраќајот. Ги замолувам граѓаните за трпение, бидејќи градежните работи секогаш носат одредени предизвици, но конечниот резултат ќе биде функционална и модерна улица,“ истакна Герасимовски.
Потегот што се реконструира е долг 700 метри и се протега од Клиничкиот центар до Заводот за рехабилитација. Втората фаза започнува наредната недела, кога ќе следи финално асфалтирање и завршно уредување на површината.
Проектот се очекува да биде завршен до крајот на годината, со што „Елисие Поповски“ ќе добие современ изглед и подобрена функционалност. За реконструкцијата се издвоени 13 милиони денари од општинскиот буџет.
До крајот на годинава, Општина Центар ќе започне со реконструкција на улиците „Алберт Ајнштајн“, „Донбас“ и „Андон Дуков“.