До 30.000 евра за иновативни идеи за справување со климатските промени


Микро, мали и средни компании и сите млади кои се заинтересирани со своите иновативни идеи да придонесат во намалување на стакленичките гасови и заштитата на животната средина може да конкурираат на најновиот повик „02 Предизвик 2“- Справување со климатски промени“ што го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој.

Вкупниот буџет изнесува пет милиони денари и Фондот за иновации и технолошки развој ќе покрие 85 проценти од вредноста на проектот, но не повеќе од 30 илјади евра, додека останатите 15 проценти ќе треба да ги покрие самиот апликант.

Новина е тоа што овој повик ќе има регионална димензија односно потенцијалните апликанти ќе добијат посебна вредност доколку соработуваат со некоја научно-истражувачка установа или претпријатие од земјите од Западен Балкан.

Заинтересираните ќе може да ги достават своите апликации најдоцна до 15 април годинава.

– Климатските промени е тема која намерно ја избравме бидејќи е нешто што не мачи сите. Зборуваме постојано за загадениот воздух, за ѓубрето по улиците и за економски раст кој треба да биде базиран на одржливост. Значи не да крадеме од природните ресурси и да ја загадуваме животната средина за да правиме пари денеска, а притоа да ја уништуваме иднината за утре, туку да креираме одржлив економски раст, рече директорот на ФИТР Јован Деспотовски, додавајќи дека во изминатиот период има скоро 40-тина проекти во делот на животната средина за кои се вложени осум милиони евра од кои три милиони евра вложуваат самите апликанти.

Според заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, радува фактот што луѓето ја менуваат перцепцијата за тоа кој како треба да влијае врз промените.

– Компаниите мора да бидат двигател бидејќи тие имаат и поголема инвестициска моќ, но и поголемо движење на идеи отколку државните институции во светот. И затоа 30-тина компании во САД, без разлика што мисли нивниот претседател за климатските промени, секој со свој придонес влегува во борбата со климатските промени, рече Макрадули.

Од УНДП апелираа секој што има идеја, да конкурира и да ја искористи можноста што се нуди со овој повик, бидејќи секое учество за промена е добро.

Повикот се спроведува во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).