Дневниот број на нови инфекции во Словенија стигна до 12.000

Реалниот број на заразени веројатно е уште поголем, бидејќи илјадници примероци на ПЦР тестови остануваат необработени поради ограничените лабораториски капацитети


 

Во Словенија се потврдени повеќе од 12.000 инфекции со корона вирус, што е најмногу за еден ден од почетокот на епидемијата.

Според медиумите, реалниот број на заразени веројатно е уште поголем, бидејќи илјадници примероци за ПЦР тестови остануваат необработени поради ограничените лабораториски капацитети, пренесува Хина.

Според неофицијалните податоци кои утринава ги пренесоа медиумите, во Словенија за 24 часа се потврдени 12.019 случаи на зараза, што е нов дневен рекорд на новозаразени и голем пораст во однос на состојбата пред седум дена кога имало 7.433 заразени.

И словенечкиот премиер Јанез Јанша на својот Твитер потврди дека бројот на дневни инфекции надмина 12.000.

Од денеска во Словенија е на сила нов протокол за изолација. Според него, вработените во здравството, социјалните служби и образованието нема да бидат испратени во домашна изолација по ризичен контакт, туку по ризичен контакт ќе мора да прават брз антигенски тест секој ден во текот на седум дена и да користат заштитни маски FFP2.

Исто така, цели паралелки во основните и средните училишта веќе нема да се „затвораат“ по еден случај на инфекција, туку само кога бројот на заболени ќе надмине 30 проценти.

Ваквата одлука Владата ја донела по препорака на експертска група, за да може полесно да се продолжи со работа во суштински активности во кои нивното нормално функционирање станува се потешко поради ризичните контакти и карантинот, пишува Хина.