Дневник од карантинот на еден актер (8)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Да! Но, од кај знаеш што ќе се случи за еден месец од сега? Можеби тогаш нема да сме во карантин. Можеби до тогаш интернетот ќе колабира, што не е ни чудо, со оглед на тоа колку печени кифлички и среќни семејства се објавуваат секој миг, секој час. Можеби интернетот ќе го исклучат? А можеби нема ни да сме живи!“                         

Тој и Таа, „Времето на црешата“, (втора епизода од интернет проектот на Театарот „ЈХК-Џинот“, Велес)  

 

И покрај изолацијата и карантинот поради пандемијата, нивото на јалерод-диоксид во атмосферата достигна највисоко ниво во последните 60 години. Среде пролет, Скопје е во топ два најзагадени главни градови во светот, иако корона вирусот тројно ја зголеми продажбата на велосипеди. Новите истражувања покажаа дека луѓето не се единствен вид на планетата што го практицира социјалното дистанцирање како одговор на ширењето на заразните болести, туку и лилјаците се изолираат од останатите членови на колонијата кога се болни. Британските научници започнаа со дресирање кучиња трагачи од расата на лабрадор и кокер шпаниел, што ќе се користат како неинвазивен начин за откривање на заразените со Ковид-19, дури и на асимптоматските носители. На денот на словенската писменост, кога ги чевствуваме светите браќа Кирил и Методиј, насловната страница на „Њујорк тајмс“ осамна како некролог со имињата на близу илјада мртви од стоте илјади од корона вирусот во САД.

Заради неверодостојност на параметрите наведени како причини за смртта, во Италија мистериозно исчезнаа 20 илјади смртни случаи од короната, а новиот бран во Кина донесе мутирана верзија на вирусот, затворајќи во карантин повеќе од 108 милиони луѓе во североистокот на земјата. Независна истрага за потеклото на вирусот, но и за начинот на кој здравствената организација на ОН се справила со него, бараат повеќе од 100 држави. Светското здравје сега е во рацете на фармацевтските компании. Се тестираат 155 лекови, а се истражуваат 79 вакцини против коронавирусот. Во тек е нова глобална трка за здравјето како јавно добро, но и за профитот. Иако се очекува еднаков пристап до третманите и вакцините кои би се развиле, идејата за солидарност и меѓународна соработка брзо се заборава кога е прашање на живот или смрт, па постои опасност од национализам во медицината, во достапноста на вакцината и во процесот на вакцинирање.

Додека во Европа 50 илјади луѓе се на листите на чекање орган, а секој ден умираат 12 од оние кои чекаат, огромен историски успех за македонското здравство е првата успешна трансплатација на срце од починат донор на Клиниката за кардиохирургија, која одново ја актуелизира хуманоста и благородноста на органодарителството како чин. Полицискиот час и карантинот изгубија секаква смисла, кога масовните собири од практикувањето на религиозните слободи и права во услови на здравствена криза го преиспитуваат авторитетот на држвата и отсуството на нејзина реакција кон непочитувањето на мерките за заштита на јавното здравје. Па, откако во амбициите за одржување брзи предвремени избори, политиката веќе ја победи короната, а религијата дури и ја погреба, државата ја укина забраната за движење. Иако во нашиот „танц со короната“ бројот на заразени вртоглаво расте, без строгата рестрикција, кривата на вирусот сега ќе ја израмнуваат граѓаните, а заштитата на здравјето на нацијата ќе зависи од имунитетот на стадото. И додека најголемиот дел од државните пари за помош на економијата оди кај големите компании и странските инвеститори во зоните, животот на граѓаните во кризата ќе се спасува со платежни картички, ваучери за турузам и викенд без ДДВ, а буџетот со нова еврообврзница од 700 милиони евра.

Во услови на пандемија, среде ноќ беше урнат Националниот театар на Албанија, изграден по барање на албанското кралско семејство во 1939 година, како еден од најубавите и најзначајни објекти во албанската метропола. Театрите во Србија, Хрватска и Бугарија веќе се отвораат. Фотографијата со редуцирани седишта во партерот на Театарот на Бертолд Брехт „Берлинер Ансамбл“, најдобро ја отсликува новата реалност со која ќе треба да се соочи театарот. Кај нас, „онлајн театарот“ сè уште е алтернативата на материјалниот, вистински театар. Сцената е вонредна, а креативниот процес виртуелен. Во обид да дадеме уметнички одговор на кризата, карантинот и физичката изолација, но и да ја истражуваме перформативноста на интернетот, заедно со колегите од мојот матичен Велешки театар го создадовме пионерскиот интернет проект „Тој и Таа“. Целта на овој производ на културата во вирусна состојба е преку максимално користење на комуникацијата што ја овозможува интернетот да се истражува изведбеноста во нестандардни облици. Виртуелна е и самата технолошка изведба на проектот, пробите се изведуваат „онлајн“, потоа актерите сами се снимаат себеси со своите мобилни телефони, за на крајот, во процесот на монтажата да се обликува видео дијалогот од карантинската приказна. А таа, интермедијално обединува меѓусебни односи на шест парови, поделени во 12 епизоди кои театарот секоја сабота во 20 часот ги објавува на својата веб страница.

Во очекување на стратегија и протоколи за културата во време на криза, но и во услови на нејзина парцијална дигитализација, театарот како медиум мора да ја напушти сцената и да истражува во просторот на виртуелното. Бидејќи короната, менувајќи го суштинското значење на физичкиот контакт како темелен нагон за воспоставување на меѓусебна доверба, го оневозможува не само физичкиот, туку и психо-емотивниот контакт со гледачот. Меѓусебното препознавање со публиката во салонот сега веќе не постои, виртуелно е. Повеќе претпоставено, отколку верно, вистинско. Но нужно, за да има со што да се пополни празниот простор меѓу театарот и публиката за време на кризата. Затоа што короната и нејзините нови правила на однесување, го искушуваат дури и теорискиот концепт на Питер Брук, според кој за театар е потребен празен простор, во кој има еден што игра и еден што гледа. Но, во виртуелното, кај актерот постои само свесноста за чинот на играта, не и за присуството на гледачот и неговото активно доживување. А токму тоа взаемно чувствување со гледачот во размената на енергијата од театарскиот чин е најсуштинскиот аспект на театарот како жива уметност.

Изнаоѓањето уметничка форма во која ќе се смести нередот кој зад себе ќе го остави короната, за театарот ќе биде отворена можност за преиспитување на неговите основни значења, но и провокација за истражување на новите форми и текови кои ќе произлезат од промената што кризата ќе ја предизвика. За театарот оваа криза ќе биде само уште една „цезура“, која за нас, актерите, кога се говори драмски стих, е местото на кое треба да се застане после одреден број стапки, да се земе воздух, да се направи пауза, за потоа да се доврши стихот. Оваа „цезура“ од кризата, за театарот е всушност една „психолошка пауза“ од актерската игра, која само ќе го најави неговото продолжение. А тоа секогаш носи нешто ново, различно и интересно.

(Васил Зафирчев е актер)