Дневник од карантинот на еден актер (23)



ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Јас не сум ни господар, ни роб, Јупитере. Ја сум мојата слобода. Веднаш откако ме создаде, престанав да ти припаѓам“.                                                                        Жан Пол Сартр, „Муви“

 

Гигантска ѕвездена експлозија е причината за бизарното светлосно затемнување на инаку сјајната ѕвезда Бетелгез од созвездието „Орион“, оддалечена 500 светлосни години од Земјата и со маса 11 пати поголема од Сонцето, која е на пат да умре со насилна експлозија на „супернова“. Научниците потврдија дека долгиот престој во вселената предзивикува промени во мозокот на астронаутите. Словенија успешно ги лансираше првите два сателити „Nemo HD“ и „Trisat“ кои околу Земјата би требало да кружат во следните пет години. На полуостровот Кола тим на археолози откри огромни пирамиди што датираат помеѓу 9000 и 40 илјади години и кои потврдуваат дека на територијата на Русија живеела цивилизација многу постара од египетската. Преку фосил од заб, истражувачите за прв пат успеаја да откријат дека мегалодонот, праисториската мега-ајкула била долга 16 метри, што е за речиси три пати повеќе од денешната голема бела ајкула. Русија за прв пат објави снимки од тестирањето на најмоќната нуклеарна бомба во историјата „Цар“ со моќност од 50 милиони тони ТНТ, фрлена на Северниот остров на Арктикот во 1961 година. По трет пат во 100 години, редок син кит беше снимен крај брегот на Сиднеј во Австралија, а осамено фламинго се појави меѓу Стење и Коњско во Преспа. Залутана крава непречено се прошета на повеќе локации низ „метрополата“ Скопје.

Новите тензии меѓу Турција и Грција во Средоземното Море се претвораат во жестоко ривалство помеѓу нивните сојузнички сили. Турција најави дека руската воена морнарица ќе одржи маневри со боево гаѓање во реонот, а САД го укинаа ембаргото за воена опрема од 1987 година за грчкиот дел на Кипар. Со најава за затворање на седум џамии и протерување на 60 имами, австрискиот канцелар Себастијан Курц му објави војна на „политичкиот ислам“. ЕУ ќе воведе нови санкции кон Русија по истрагата за случајот на Навални, а германската воена лабораторија потврди дека водечкиот политички ривал на Путин е отруен со воен нервен агенс од групата „новичок“. Во Вашингтон, Србија и Косово потпишаа договор за економска нормализација. Главниот град на Бугарија, Софија, го доживеа еден од најжешките протести од почетокот на антивладините демонстрации, а во главниот град на Хрватска, Загреб, се одржа „Фестивал на слободата“ против корона мерките на кој присуствуваа околу 2.000 граѓани. По продажбата на технолошките акции, најбогатите директори на американските „биг-тек“ компании како Безос, Маск, Закерберг и Гејтс загубија вкупно 25 милијарди долари. Италијанскиот Сенат одобри предлог-закон со кој мигрената се класифицира како болест што предизвикува инвалидитет. Откако ненамерно со топче удри судијка во грлото, светскиот тенисер број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ, беше дисквалификуван од УС Опен.

Додека СЗО очекува пандемијата да заврши за две години, а експертите предупредуваат на зголемено ширење на вирусот со доаѓањето на есента и падот на температурите, со 1.365 новозаразени во само еден ден, Романија е најтешко погодената балканска земја од корона вирусот. Иако некои западни стручњаци заговараа забрана за употребата на руската вакцина против Ковид-19 во отсуство на меѓународно одобрени чекори за нејзино испитување и регулација, медицинскиот магазин „The Lanset“ ги објави резулатите кои покажуваат дека „Спутник 5“ успеала да создаде антитела во разните фази од тестирањето. Американскиот центар за контрола на заразни болести во тајност ги ажурираше бројките според кои само 6 отсто од сите смртни случаи за време на пандемијата биле поврзани со корона вирусот, а новата студија на истражувачи од Универзитетот во Оксфорд откри дека тестовите за корона можат да најдат траги од инфекција што поминала пред неколку недели, што резултира со лажно позитивни резултати, кои нереално ја зголемуваат бројката на заразени, а со тоа и големината на пандемијата. САД нема да ги поддржат напорите на СЗО за развој и дистрибуција на вакцина против корона вирусот, а повеќе од 200 илјади Италијанци потпишаа петиција со која ги повикуваат земјите од Г20 да го прекинат финансирањето на СЗО.

И покрај пандемијата, со проекција на филмот „Лачи“, во Венеција беше отворено 77-то издание на најстариот филмски фестивал во светот Мостра. Францускиот премиер Жан Кастекс најави дека претставите на затворено со публика до 5.000 луѓе можат да се одржуваат и без социјална дистанца. Со оперската претстава „Дон Карло“ од Џузепе Верди, рускиот Бољшој театар за првпат ги отвори вратите за публиката после шест месеци. Под мотото „Потрага по допир“, а одбележувајќи 30 години современа македонската танцова сцена, со дводневен маратон на домашни и американски кореографи и танчари, „Танц фест“ го доживеа своето 16-то издание. Со пораки за заштита од Ковид 19 на актери и улични артисти, изминатиот викенд се одржа и фестивалот на живи статуи „Статуафест“, а театарската продукција „Пресврт“ со пренос во живо премиерно ја изведе претставата „Иднината е приватна“. Од 8-13 септември во Струмица се одржува 28-то издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, а на 11, 12 и 13 септември Прилеп е домаќин на вториот по ред театарски фестивал за деца „Силјан Штркот“.

Нема град во Македонија без активни случаи на заболени од корона. Иако се намалува бројот на активно заболени, бројот на хоспитализирани и починати е уште голем, а најмногу од новозаболените се на возраст од 30 до 39 години. Болничко лекување на пациент со Ковид-19 ја чини државата 2.600 евра, а болен на респиратор 5.700 евра. За операција на државно, пациентите мораат да направат корона тест приватно. Со примена на ЕКМО технологијата, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е спасен животот на 45-годишен паациент заболен од Ковид-19. Скопските училишта нема да добијат дозвола за настава во живо за одделенијата над трето, а првиот уписен рок на државните факултети поминал со очекувано помалку кандидати, но со најголем интерес за ФИНКИ и Медицина на УКИМ. Пожар ја проголта целата документација на Државниот инспекторат за животна средина. По 40 дена поправка на локомотивата, повторно тргна возот од Скопје за Кочани, но само до Велес доцнеше цели 40 минути. Битолчанка, сопственик на градежна фирма е единствената жена на листата млади милионери во Македонија. Иако агенцијата „Стандард и Пурс“ оценува дека денарот и банкарскиот систем во земјава се стабилни, државниот буџет и во август бил на „диета“, приходите биле помали за 14 отсто, а забележан е пад и кај ДДВ-то, добивката и персоналецот.

Егзистенцијалната ситуација во која човекот станува човек меѓу луѓето, принуден да стане ништо друго освен збир од своите одлуки, избори и дела е предмет на анализа во драмата „Муви“ на славниот француски филозоф, писател, драматург и еден од најголемите јавни интелектуалци на 20-от век, Жан Пол Сартр. Оваа драма во три чина напишана во 1943 година е инспирирана од корпусот старогрчки митови за Електра, како своевидна современа адапатција на Есхиловата „Орестија“. Но за разлика од оригиналот, Орест на Сартр е слободен човек одговорен сам за себе, па како таков, слободен, не може повеќе да му служи на Јупитер, одвратниот бог на мувите кој е заканувачка опасност за човековата слобода. Како отпадник кој го негира авторитетот на бог, наместо да го исполни пророштвото на својата судбина, Орест ја презема несреќата на својот народ на себе, жртвувајќи го својот живот во замена. Транспонирајќи ја во жанрот на драмата својата филозофска теорија на атеистичкиот егзистенцијализам, Сартр всушност го создава филозофскиот театар во кој филозофијата станува инструмент за разбирање на суштинската природа на човекот и неговата осуденост на слобода.

Кој и каков ќе биде богот на мувите во нашиот свет на транзиција? Ќе бидеме ли автономни, ако со нас и натаму владеат разно-разни авторитети кои постојано ја спречуваат нашата слобода? И најпосле, ќе биде ли воопшто можно да поседуваме слободна волја, а и натаму да бидеме под нечија власт? Човекот е суштество со слободна волја, а таа е клучна за неговата егзистенција како човек а не како предмет, како субјект а не како објект. Со слободата во изборот, одлуките и делата се судираме секојдневно, па додека некои од нас со леснотија се справуваат со неа, други цел живот ги чувствуваат нејзините последици. Но, ако егзистенцијата ѝ претходи на есенцијата и нема однапред зададена суштина, тогаш човекот не е она што мисли дека е или сака да биде, туку само она што веќе го направил. Затоа, за да се стане дел од светот, наместо да се биде само негов набљудувач, неопходно и нужно е да се направи избор. Без тој избор веќе никој не ќе може слободно да шета, да пее и да се смее, а луѓето ќе ги изеде страв.

(Васил Зафирчев е актер)