Дневник од карантинот на еден актер (13)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

„Дали некој овде ме знае? Ова не е Лир.
Дали Лир вака оди, говори вака? Каде му се очите?
Дали умот му слабее, моќта за сфаќање
му темнее – ха, дали сум буден? Изгледа спијам.
Кој може точно да ми каже кој сум?“                                                                    Вилијам Шекспир, „Кралот Лир“ (чин I, сцена IV)

 

Новата астрономска мапа со гигантската атмосфера на ѕвездата Антарес покажува дека црвениот суперџин е далеку поголем од што се мислеше досега и во себе може да собере дури 700 сонца како нашето. Научниците тврдат дека под дебелата ледена површина на Плутон се крие океан од сол и амонијак во вода. На Земјата мапирани се речиси 20 отсто од морското дно, а потврдено е и постоењето на седмиот скриен континент „Зеландија“, најмладиот и најмалиот од сите континенти, на кој дури 94 отсто од површината се наоѓаат под вода. Кина го лансираше последниот сателит од својот „BeiDou“ навигациски систем, како алтернатива на американскиот „GPS“. По драматичните последици од корона вирусот, Италија се соочува со нова катастрофа предизвикана од роеви скакулци кои уништија илјадници хектари пасишта на Сардинија. Монах стар 114 години од Етиопија ја победи короната, а во училиште во Австрија робот им ги подели завршните дипломи на учениците. На Хималаите, индиските научници открија нов вид зелена змија отровница и ја нарекоа според волшебникот Салазар Слитерин од омилениот филмски серијал за Хари Потер. Како дел од движењето за обнова на биодиверзитетот и борбата против климатските промени, низ Европа никнуваат мали, густи и брзорастечки шуми според проектот на јапонскиот ботаничар Акира Мијаваки.

Прогноза на Меѓународниот монетарен фонд вели дека светот го очекува најголемата економска криза во последните 100 години. Заради пандемијата на корона вирусот вкупните загуби на светската економија ќе достигнат повеќе од 12 илјади милијарди долари, светскиот БДП ќе падне за 4,9 проценти, а во еврозоната дури за 10,2 отсто. За излез од најтешката рецесија по Втората светска војна, Германија усвои дополнителен пакет од 130 милијарди евра за иднината на земјата по кризата предизвикана од короната. А за ублажување на влијанието на пандемијата врз работните места, Италија ќе добие околу 20 милијарди евра од Европската банка за инвестиции. После 29 години, Австралија влегува во првата рецесија, а со најлошата рецесија од 1706 година се соочува и Велика Британија. Од март досега, 36 милиони Американци побарале компензација поради невработеност, а 25 отсто од работниците во Лима, Перу ги загубиле своите работни места.

Повеќе земји во Европа и светот ги укинаа строгите мерки, но СЗО предупреди дека пандемијата не слабее, туку се влошува, а само во јуни се регистрирани 60 отсто од 10 милиони заболени во светот. Сè повеќе станува јасно дека крајот на 2020 нема да е крај и за корона вирусот. Иако за овие шест месеци научниците добија повеќе сознанија за генетскиот материјал и структура на вирусот, како и за начинот на неговата трансмисија, сепак сè уште е непознато како тој ќе се однесува во иднина. За таа цел, истражувачите од Универзитетот во Минесота објавија три можни сценарија. Според првото, ќе има мини-бранови со нови случаи и помали паузи на неколку месеци. Според второто, ќе следи масивен втор бран кој ќе биде двапати поголем од првиот и со подолго времетраење, што веќе се случило со епидемијата на шпански грип од 1918 година. И според третото сценарио, корона вирусот ќе продолжи да се појавува со мали паузи сè до крајот на 2022 година.

Поаѓајќи од ранливоста што современото општество ја покажа за време на пандемијата, Советот на Европа предупреди на можно зголемување на биотероризмот во пост-пандемискиот свет и употреба на вирусите и бактериите како билошко оружје од стрaна на терористите. Во војната помеѓу човекот и новата технологија, а како одговор на „Резолуцијата 1815“ на Европскиот совет, повеќе од 180 научници од речиси 40 земји го предупредија светот на опасностите и ризиците од имплементацијата на 5Г мрежата. И покрај тоа, Шведска веќе ја доби првата јавна мобилна мрежа од новата 5Г генерација, која ќе овозможи интернет пребарување од еден гигабајт по секунда, односно четири пати побрзо од сегашната 4Г мрежа. Како дел од проектот „Хоризон 2020“ за развој на транспортната логистика, тестна 5Г мрежа ќе биде поставена и во пристаништата на Копер во Словенија, Хамбург во Германија и Пиреја во Грција. А преку антени на висина од 6.500 метри, со напредната 5Г мрежа покриен е дури и „Покривот на светот“, па отсега новите освојувања на Монт Еверест од кинеска страна ќе можат да се следат во живо и тоа во висока резолуција.

За да го избегне банкротот заради пандемијата, светската атракција „Cirque du Soleil“ отпушти 3.500 вработени. После три и пол месеци блокада, во Италија се отворија кината и театрите, а со цел да се одрази апсурдноста на човековата состојба во ерата на корона вирусот, што ги лишува луѓето од позицијата на гледачи, во операта во Барселона се одржа необичен концерт кој наместо луѓе го слушаа 2.300 куќни растенија. Музејот „Фицвилиам“ во Кембриџ смисли иновативен начин за изложување уметнички дела со субјекти што носат заштитни маски, приспособени да одговараат на стилот на секоја слика. Под мотото „Носталгија за иднината“, јубилејното 60-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „МЕСС“ во Сараево ќе започне во септември, а ќе трае цела година. Американската филмска академија ги покани  за членство авторите на македонскиот документарен филм „Медена земја“, а во Народниот театар на Република Српска во Бања Лука нашиот режисер Дејан Пројковски го постави „Дервишот и смртта“ на Меша Селимовиќ.

Во јуни, нашата земја е меѓу најтешко погодените земји од епидемијата во светот, со висок индекс на смртност и новозаболени. Од вкупниот број хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“ 100 се на кислородна поддршка, па на секои пет дена се троши по една цистерна кислород. Кај излекуваните слаб е интересот за дарување крвна плазма, неопходна за лекување на болните со тешка клиничка слика. ЕУ ги отвора границите за 15 земји, но не и за Македонија. Со цел да ги донираат средствата на социјално загрозени семејства, средношколци и студенти се откажуваат од доделените платежни картички. Фабриката „Брако“ од Велес го произведе првото возило за чистење во светот на погон на водород, а најновиот извештај на „Бенквоч“ покажа дека РЕК Битола за само една година ги дуплирала емисиите на сулфур диоксид и прашина, со што тие се највисоки во регионот. Според „Евростат“, македонските граѓани се трети по сиромаштија во Европа, а нивната куповна моќ е за 57 проценти помала од онаа на европејците.

Меѓу поновите романи соодветни на актуелната корона-криза е дистописката научна фантастика „Станица 11“ на канадската авторка Емили Сент Џон-Мандел од 2017 година, чии права за екранизација како серија од 10 епизоди ги откупи ХБО. Вознемирувачки роман за хаосот на апокалипсата предизвикан од пандемијата на смртоносен грузиски грип кој ја убива речиси целата светска популација. Приказната започнува со еден славен актер кој умира од срцев удар на сцена додека го игра „Кралот Лир“, а продолжува со „Патувачката симфонија“ на трупа преживеани актери и музичари кои низ опустошените места на новиот свет ги изведуваат Шекспировите драми, за така да ја спасат од заборав убавината од некогашниот, стар свет.

А која ќе биде нашата идна станица по кризата? На која следна станица ќе нè однесе Лировата бура низ која сега минуваме? Ќе има ли таа нова станица среќен број, како благословена можност за создавање нов живот во еден поубав и поправеден свет? Сведочиме на распадот на светот заради човечноста, моралот и идеалите кои попатно ги загубивме, а во општото чувство на залудност и бесмисла никако не наоѓаме сила да ја промениме неиздржливоста на секојдневието кое сè повеќе нè притиска. Вешто и како за инает, ние само преживуваме меѓу доброто и злото, а и натаму сме сосема поделени во чувствата на љубов и омраза, на онаа многу тага која нè гуши и на онаа малку радост која ни дава зрак светлина и надеж. Така заробени во немоќта меѓу утописките очекувања од иднината и тешката разочараност од сегашноста, голема е опасноста да станеме последната станица од подрумот на историјата на која веќе никој нема да слегува, но и од која скоро ќе нема кој да замине. А бурата која сега беснее во нас и околу нас може да биде само премин до уште една станица од нашето духовно пространство, уште една куса но висока планина за искачување, до чиј врв ќе стигнеме посилни и подобри. Исходот зависи само од нас. Зашто опстанокот не е доволен. Човек секогаш треба да се труди со носот да го намириса она кое не може да го види со очите.

(Васил Зафирчев е актер)