Дневната евтина тарифа може да ги намали сметките за струја за пет отсто

Кога постоеше евтината тарифа, тие два часа на годишно ниво беа 16 милиони евра помал приход за енергетската компанија


Фото: Б. Грданоски

Воведувањето дневна евтина тарифа значи намалување од пет отсто на просечната цена на домаќинствата, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Тој за Студио 10 на ТВ 24 рече дека доколку се донесе, одлуката за евтина дневна тарифа ќе почне да важи од 1 јули оваа година, кога се носи и одлука за цената на струјата.

„Тоа во самите цени на електричната енергија не се гледа, но бидејќи се дава можност да се троши поевтина електрична енергија и од 14 до 16 часот, тоа на годишно ниво е пет проценти намалување на просечната цена за домаќинствата“, рече Бислимоски.

Сепак, ефектот од воведувањето дневна евтина тарифа би можел да биде „изеден“ со враќање на повисоката стапката на ДДВ. 

„Ако се зголеми ДДВ од 10 на 15 отсто тоа ќе значи поголем приход во буџетот, но јас сум за тоа да се оди чекор по чекор, да видиме како ќе функционира. Јас сум против зголемување на ДДВ, сметам дека домашното производство треба да се одржува стабилно за ЕСМ да може да продава електрична енергија и на слободниот пазар и да заработува“, рече Бислимоски.

Тој рече дека Регулаторната комисија прави анализи дали е возможно да се врати евтината тарифа во текот на денот, пред сѐ од економска гледна точка, имајќи во предвид дека кога постоеше евтината тарифа тие два часа на годишно ниво беа 16 милиони евра помал приход, доколку би постоела скапа тарифа во тој период.

„Сега треба да видиме колку ќе биде домашното производство, во 2023 година има најави од ЕСМ дека тоа ќе биде зголемено за 20-30 проценти споредено со минатата година. Значи, се очекува негде околу 5 милијарди киловат часови да имаме производство на електраните кои ги управува ЕСМ вклучувајќи ја и ТЕЦ Неготино“, рече Бислимоски.

Тој додаде дека се анализираме и фактот дека веќе има голем број изградени фотоволтаични централи, најголем дел на компании кои ги поставија на своите кровови и кои што немаат потреба да купуваат ниту на слободен пазар и на регулиран пазар и најголем дел си ги обезбедуваат потребите од фотовалтаиците.

„Она што е најинтересно и се јавува втора година по ред, на европските и на светските берзи е дека цената на електрична енергија во периодот кога произведуваат фотовалтаиците, односно  од 9-10 па до 13-14 часот зимава, е поевтина отколку во останатиот дел од денот. Како ќе се зголемува денот, така и ќе се продолжи тој тренд“, посочи Бислимоски, додавајќи дека ако за денеска просечната цена е 116 евра за мегават час, во периодот кога произведуваат фотовалтаиците е од 78 па до 85/6 евра за мвч.

„Ќе ги направиме анализите и доколку постои можност, апсолутно би се вратиле евтината тарифа, но притоа да нема финансиски реперкусии на целиот електроенергетски систем“, рече Бислимоски.
Дневна евтина тарифа имаше до 2020 година, кога таа беше укината. 

Потрошувачката на домаќинствата е намалена за 14 отсто благодарение на благата зима.

Бислимоски рече и дека од 1 јануари вкупниот трошок за пренос на струја на домаќинствата е намален и нема да биде толку поголем од сметката за потрошена струја.

Инаку, РКЕ самата го носи тарифниот систем, така што одлуката за воведување евтина дневна тарифа е во надлежност на регулаторот.

„Најголема придобивка ќе имаат пензионерите кои се дома и кои многу внимаваат на тоа како се троши струјата, а освен тоа најредовно ги плаќаа сметките во време на ковид-пандемијата и ја одржуваа ликвидноста на ЕСМ“, рече Бислимоски.

Тој додаде дека инвеститорите терба да инвестираат во батерии со цел да имаат производ што ќе трае подолго. Ако производителите на струја од фотоволтаици имаат резерви струја по 19 часот, тоа ќе биде корисно и за компаниите и за граѓаните. Батериите се преоден период кон производство на водород кој ќе биде најеколошко и најевтино гориво кое ќе го заменува природниот гас.

„Европа повеќе нема да се враќа на термоелектраните“, вели Бислимоски.