Дневната евтина тарифа достапна за 200 илјади потрошувачи од 1 декември

Од ЕСМ демантираат дека проблемот со броилата и со потрошувачката на струја, односно со загубата на електрична енергија, има етничка компонента


Фото: Б: Грданоски

Дневната евтина тарифа за струјата ќе биде достапна од 1 декември за околу 200 илјади потрошувачи кои имаат таканаречени смарт броила, додека за другите оваа поволност ќе се вклучува постапно вотекто на месецот со читањето на струјомерите. Тоа ќе зависи и од достапноста на броилата, бидејќи, како што посочија денес претставници на ЕСМ, при читањето на броилата се врши и автоматски подесување на софтверот, односно ќе се вгради и дополнителната евтина дневна тарифа на струјата.

Од ЕСМ исто така, категорички ги демантираат информациите дека проблемот со броилата и со потрошувачката на струја, односно со загубата на електрична енергија, има етничка компонента.

„При крај сме со подготовките, како што ветивме до 1 декември се ќе биде подготвено. Дел од броилата се смарт, ќе ги смениме како што се вели преку ноќ и веќе од 1 декември околу 200 илјади корисници ќе имаат сетирани тарифи, а другите во текот на месецот“, изјави денес менаџерот на Електродистрибуција Сашо Салтировски, одговарајќи на прашања на новинарите при посетата на министерот Крешник Бектеши  и на директорот на Бирото за метрологија, Авдуљ Сељам Селами, на  подружницата на ЕВН Македонија во Бутел.

Од ЕСМ велат дека процесот многу ќе зависи од потрошувачите, па оттаму  и нивната  замолница до граѓаните броилата да бидат достапни за да можаат нивните читачи да ги прочитаат бидејќи во текот на читањето се прави сетирањето на броилата.

„Сите оние кои што ќе бидат достапни ќе бидат сетирани во текот на декември, но најмногу ќе зависи од достапноста на броилата“, вели Салтировски, посочувајќи дека читањето се прави со оптички уред при што софтверот истовремено ги сетира броилата како што треба.

Но, оние броила кои што се недостапни, како на пример доколку се внатре во викендички или во домови, а не е присутен никој таму, очигледно нема да можат да добијат дневна евтина тарифа во текот на декември.

Од ЕСМ категорички ги демантираат информациите дека проблемот со броилата и со потрошувачката на струја, односно со загубата на електрична енергија, има етничка компонента.

„Во Арачиново броилата се надвор. И таму со сигурност ќе бидат сетирани  затоа што во изминатиот период тој проект е завршен. Арачиново има 10 проценти загуби во јуни и во јули, така тој проблем таму е среден и сите броила се достапни, на улица. Десет отсто е на ниво на технички загуби и е меѓу најниските во Македонија“, посочи Салтировски.

Тој додаде дека во Слупчане проектот оди мазно и дека веќе се привршува, а општина Липково ќе биде првата општина покриена со смарт броила и таму во цела општина е со загуби под 10 проценти.

„Во Липково работиме повеќе од десетина години. Грчец исто така беше популарен, го завршуваме,  а работиме и во Драчево и во Лисиче… Загубите се проблем во цела Македонија, особено во Скопје, тоа е регион со највисоки загуби, 20 отсто. Особено во руралниот дел секаде има загуби“, вели Салтировски.

Тој објаснува дека на пример Тетово има помали загуби од Битола, мали загуби имаат и Кичево и Струга, така да не е е поврзано етнички, туку најверојатно зависи од многу други фактори, дали политички дали економски, но не е поврзано етнички како што беше прикажано во медиумите.

Министерот Бектеши потсети дека одлуката за воведување на евтина дневна тарифа на електричната енергија ја носи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) кое е независно тело.

„Воведувањето на дневна евтина тарифа е поврзано со производството, со капацитетот на ЕСМ за да произведува струја во тие пикови. Согласно анализите кои се направени одлучивме сите заедно евтина дневна тарифа да биде воведена на 1 декември. Ги повикуваме сите граѓани кои сакаат да имаат евтина дневна тарифа од 1 декември да им дозволат пристап на службите на ЕВН до броилата за да можат да интервенираат. Ако броилото не е достапно тоа ќе биде сетирано од наредниот месец“, посочи Бектеши.