Дмитриј Рогозин отпуштен како шеф на „Роскосмос“
Дмитриј Рогозин е разрешен од функцијата шеф на „Роскосмос“. На негово место беше назначен Јуриј Борисов, кој претходно беше вицепремиер на Руската Федерација. Релевантните декрети потпишани од рускиот претседател Владимир Путин се објавени на веб-страницата на Кремљ.
Сѐ уште не е објавено новото назначување на Рогозин.
Борисов (65) работи како вицепремиер од мај 2018 година, на местото кое го држеше Рогозин пред тоа. Како заменик-претседател на Владата, тој, меѓу другото, ги надгледуваше вселената и воено-индустрискиот комплекс. Пред тоа, Борисов беше заменик министер за одбрана и заменик-министер за индустрија и трговија.
Според извори на „Медуза“, Дмитриј Рогозин во блиска иднина треба да замине на работа во Претседателската администрација на Русија. Други извори велат дека тој би можел да стане еден од кураторите на Кремљ на самопрогласените ДПР и ЛПР, како и териториите на Украина окупирани од руските трупи.
Дмитриј Рогозин во изминативе неколку месеци беше меѓу најсилните гласови во Русија кои ѝ се закануваа на Европа со „судниот ден“ доколку продолжи и натаму да ја поддржува Украина во војната.