„Длабочината и Каменот“ – Евгенија Зафировска со нова модна колекција инспирирана од Брач


Eвгенија Зафировска има модна колекција насловена „Длабочината и Каменот“ (The Deep & The Stone) – вистинска ода на луксузот, инспирирана од контрастот помеѓу мистериозните морски длабочини и опуштената префинетост на брегот.

Својата инспиративна премиера колекцијата ја доживее во раскошниот амбиент во Сутиван на Брач, каде што синилото на морските длабочини безвременски се прекршува преку белината на камениот медитерански брег.

 

Колекцијата го истражува јазикот на дуалноста низ две спротивставени, а сепак совршено хармонични тематски целини:

  •  Светлината на морските длабочини  (Тајна, моќ и скриен сјај) Овој дел од колекцијата нè води во срцето на морето каде што владее вечна темнина, но истовремено се раѓа фасцинантна светлина. Визуелниот јазик го сочинуваат моќни, структурирани силуети од црн текстуриран твид кој се прелева со сатенски детали и богати златни везења.

  • Плитко море и морска пена (Престижен минимализам и слобода) На површината, каде што брановите ја бакнуваат обалата, владее „тивкиот луксуз“ . Флуидните кроеви во боја на морска пена, сурова свила и бeл камен, заедно со кимоно-палтата и раскошните текстури, носат беспрекорна леснотија и софистицираност.

Колекцијата претставува совршен спој на моќ која инспирира и елеганција која смирува – луксуз во својата најчиста форма, мек како морска пена и вечен како каменот на брегот.

Фото: Габрич медиа