ДКСК: Вицепремиерот Битиќи и министерката Стефоска не поднеле анкетни листови

Фото: Б. Грданоски

Актуелната министерка за култура Ирена Стефоска и и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не поднеле анкетни листови по изборот на функција, информираше на денешната 40-та седница Државната комисија за спречување на корупција.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, посочи дека рокот за поднесување е 30 дена и се дадени во натамошна постапка за издавање платни налози.

– Анкетни листови при престанок на функција на техничката влада не поднеле министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за животна средина Насер Нуредини, заменик министерот за транспорт Садим Бекири, дополнителниот заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски, заменик министерот за здравство Асим Муса, како и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, изјави Ивановска.

Анкетни листови, посочи Ивановска, за избор и за престанок на функција и изјава за судир на интереси не поднеле министерот за одбрана Беким Масути, заменикот министер за надворешни работи Андреј Жерновски, заменик министер за земјоделство и шумарство Благе Цветковиќ и заменик министерот за здраство Арменд Арслани, додека пак актуелната министерка за култура Стефоска и заменик министерката за образование Елизабета Наумовска не поднеле изјава за интереси.

Од ДКСК информираа дека проверени се членовите на Владата избрани на 31.05.2017 година, членовите на техничката влада избрани на 3.05.2020 година, како и актуелните членови на Влада избрани 30.08.2020 година.