ДКСК со иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на Сарај


Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 20-та седница донесе одлука да  поведе иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети поради тоа што не одговорил на барањата за легализирање на дивоградби од времен карактер на Матка, а до Владата и до Министерството за транспорт и врски ќе испрати препораки за донесување решенија за преземање на работите од надлежност на овластениот градежен инспектор.
Препорака до Владата е и во најкус можен рок да го задолжи Министерство за животна средина да изработи предлог-закон за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата.
Градоначалникот Беџети со непостапување по овие барања, оценија во ДКСК, ги прекршил одредбите од Законот за локална самоуправа. Како што појаснија членовите од Антикорупција на седницата, одлуката е донесена по обезбедената документација и извршен увид во Општината, но и во соработка со други надлежни органи и институции, кои извршиле инспекциски надзор во Општината.
– Градоначалникот е надлежен да решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица согласно закон. Бидејќи станува збор за дивоградба од времен објект, таа не може да биде предмет на легализација. Од друга страна кога некое барање за легализација ќе влезе во Општината тоа всушност влегува во некој процес. Злоупотребата е токму тука да се чува тоа барање во некој процес и да не се одговара, појасни меѓудругото претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Инаку, до Општина Сарај биле поднесени две барања за легализација на дивоградба од времен карактер на 8 февруари 2018 година од Амед Саити и на 24 декември 2018 година од страна на Џемаил Саити.
На новинарско прашање дали ДКСК ќе постапува со објавената аудио снимка од страна на ВМРО-ДПМНЕ за која се тврди дека се слушаат гласовите на Миле Талески, претседател на Општинската организација на СДСМ во Прилеп и Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Ивановска информира дека собираат информации и податоци и на некоја наредна седница ќе донесат заклучок дали Комисијата ќе отвори предмет по сопствена иницијатива.
Комисијата има отворено и три случаи за следење на имотната состојба за Коле Штерјов, претседател на Советот за јавни обивнители, за Сашо Василевски, поранешен директор на МЕПСО и за Баки Алили, претседател на Основниот суд во Кичево.
Прекрошна постапка за не поднесување анкетни листови по изборот на функција ќе започне против Васко Ковачевски, директор на РЕК Битола, Ѓоко Ташев, в.д. директор на ХЕЦ Тиквеш Кавадарци, Ѓорѓи Божиновски, в.д. директор на ХЕЦ Маврово од Гостивар, Златко Пиперковски, в.д. директор на РЕК Осломеј, Марин Даскалов, в.д. директор на ХЕЦ Треска Скопје, Стево Поповски, в.д. директор на Енергетика Скопје и Керим Халили, директор на РЕК Осломеј.
ДКСК ќе бара и од Министерството за здравство разрешување на директорката на ЈЗУ Стоматологија поради прекршувањата направени во однос на некои вработувања. Антикорупција ќе покрене иницијатива за постапка за сторено кривично дело и за в.д. директор на Здравествениот дом во Битола, поради законски прекршувања при вработувања на медицински сестри
На денешната седница ДКСК го усвои новиот Деловник за работа и Упатството за прогласување на доверливи податоци, како и одлуката за овластување лице за доделување и чување на работни и дупликат клучеви од сефови и безбедносни врати.