ДКСК се изјасни за ненадлежна по пријавата од Чулев


 Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната јавна седница ги отфрли наводите од приговорот и го затвори предметот доставен од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“, а во кој се наведува дека ЈП Државни патишта и други државни инситуции односно Зоран Заев и Љупчо Николовски овозможиле партиски предизборен јавен настан за политичка промоција финансирана со буџетски средства, со што е направена повреда на Изборниот законик и Законот за спречување корупција. Според ВМРО – ДПМЕНЕ, настанот се случил 21 јуни при увид на изградба на експресен пат Штип-Кочани.

Сепак, ДКСК овој приговор ќе го достави до ДИК затоа што, како што беше речено, таа е надлежна да каже дали одредено дејствие има елементи на изборна кампања пред започнувањето на изборната кампања.

ДКСК се изјасни како ненадлежна и ќе ја достави пријавата до ДИК пристигната од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев против одлуката на Владата за поништување на решение за разрешување и именување, информира  Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Во пријавата Чулев наведува дека донел решение на 22 јуни за именување на Гоце Јанкуловски за началник на СВР Тетово, како 15-то распоредување, а за разрешување на Амир Демети и негово распоредување за дополнителен заменик началник на СВР Тетово.

ДКСК се изјасни за ненадлежна за постапување и предметот ќе го проследи до Државниот управен инспекторат во врска со вонреден инспекциски надзор во Службата за општи и заеднички работи поради сознанија за непочитување на законите и вршење притисок врз вработените по повеќе основи како што се незаконски распоредувања и деградирања на работни места, како и дисциплински постапки и непочитување на правото на вработените за користење годишни одмори.