ДКСК се дисквалификуваше

Место да иницираат проверка на сите издадени дипломи во државата, ДКСК го прогласија Бојан Христовски за „чист како солза“


Последната институција во Македонија која имаше некаков углед кога е во прашање борбата против корупцијата во државата, Државната комисија за спречување на корупцијата,  денес успеа самата да се дисквалификува. Со одлуката целосно да го оправда именувањето на Бојан Христовски за прв човек на Агенцијата за национална безбедност, наспроти сите факти за кои дозна јавноста, ДКСК дефинитивно потврди дека нема друга улога – освен да ѝ чува грб на власта.

Не дека некој беше изненаден од тоа што ДКСК денес се прогласи ненадлежна да ја оценува вистинитоста на сертификатот за англиски јазик на Христовски, откако претходно оцени дека,   со тоа што поднел некаков документ, макар и фалсификат, законски ги исполнил условите (?) да биде именуван на функцијата. Со вакво бирократско „салто мортале“ ДКСК практично ѝ го отвори патот на Владата да тврди дека Христовски ги исполнува условите за функцијата, а сепак си остави и простор – некогаш да се огради од одлуката, ако стане јасно дека е неправилна.

Одамна оваа ДКСК со својата работа не влева доверба во јавноста, која следи како таа се закопува во бирократизам, формализам и затвора очи пред реалноста. Одамна веќе се слуша дека во оваа независна институција, што треба да биде на првата линија за борба за транспарентноста, членовите внатре не смеат да зборуваат со новинарите и се следи со кого комуницираат преку електронска пошта, а барањата за информации завршуваат во фиока.

Одамна падна во очи, исто така, со каква ревносност туркаат предмети кога некој не ѝ е по волја на владејачката гарнитура, како што беше случајот со вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители  и „војната“ со соопштенија со Судскиот совет, а колку се бескрвни кога треба да истражат нешто во што е инволвирана власта. Практично во континуитет носат одлуки „ни риба, ни девојка“, амнестирајќи ги сите случувања на кои реагираше јавноста препознавајќи корупција или политички неморал. 

Не е јасно што очекуваа всушност ДКСК да откријат околу скандалот со Бојан Христовски за да можат да оценат дека реакцијата на јавноста е оправдана и дека местото не му е на таа сензитивна функција во државата? Дека од сите фалсификувани дипломи за кои има и судски пресуди, од истото јазично училиште што не постои, легитимна е само таа на Христовски? Дека од Државниот просветен инспекторат контролиран од ВМРО-ДПМНЕ ќе им кажат дека факултетот што му ја издал дипломатата не работи законски, а неговиот сопственик, член на ВМРО-ДПМНЕ, ќе каже дека Христовски не студирал туку платил за фиктивно завршување на студии?

Не е јасно, исто така, што мисли ДКСК за наодите дека дипломата на Христовски е заверена од тогаш непостоечки универзит, бидејќи во меѓувреме го сменил името, па и се повикува на член од Статут што не постои? Или на фактот дека за 11 месеци завршил нешто за што требаат четири години студии? Најмалку јасно, сепак, е дали отворила ДКСК барем фејсбук статус на Христовски за да види како изминатите десетина години одел по цркви, манастири, протести, трибини, митинзи и во партиски штабови на ВМРО-ДПМНЕ, како е сликан буквално со целото актуелно партиско раководство, место да извади заклучок од една изјава – дека не бил член на ВМРО-ДПМНЕ, па според тоа е непартиски. Па, место да иницира општа проверка на сите издадени дипломи и проверка на работата на универзитетите што се третираат од јавноста како печатници за дипломи во државата, ДКСК се реши за полесното – да го прогласи Христовски за „чист како солза“ и да чека истото тоа да го констатира и обвинителството кое покрена за него случај.   

Со одлуката за Христовски, ДКСК денес практично си удри печат на уверението за  нелегитимност. Тешко дека некој сериозно ќе ги земе предвид нејзините одлуки во иднина кога за некои толку општо познати состојби во државата и толку очигледни злоупотреби успеа да најде законски основи да ги оправда. Вака како што тргнале, не се далеку од славните претходници од една поранешна ДКСК кои не можеа да сфатат зошто јавноста мора да ја знае имотната состојвба на поранешниот премиер Никола Груевски – кога веќе си заминал од функцијата, а која стана синоним за зависноста на Антикорупциска по повикот на тогашниот претседател: „Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови, амин“. Слепи и глуви за криминалот, за непотизмот, за корупцијата, за партизацијата, за ерозијата на системот и за неморалот во политиката… Сликата се повторува, само актерите се сменија.