ДКСК: Партиите ги доставија првичните извештаи за донации за изборната кампања

 Политичките партии почнале да доставуваат до ДКСК извештаи за добиените донации во текот на изборната кампања согласно законот. Правовремено доставиле извештаи за првите 10 дена, а следствено на тоа и за вторите 10 дена. Главно сите политички партии ги доставиле извештаите.

– Ова се само извештаи за примени донации, така што ние немаме целосна слика за целокупното работење на партиите и на коалициите. Тие ќе ги добиеме откако ќе поминат најмногу 90 дена од  објавувањето на конечните резултати. Сведоци сме дека резултатите се уште не се објавени. Најоцна за 90 дена ќе ги достават финансиските извештаи за трошоците и приходите за текот на изборната кампања по што ќе можеме да видиме за што се е потрошено во текот на изборите, информира на денешната прес-конференција Катица Николовска од ДКСК.

Таа потенцира дека со измените на Иборниот законик прв пат е обезбеден директен пристап за ДКСК до сите учесници во изборната кампања со цел да се види од каде и колкави средства добиваат било од правни или физички лица.

– Истовремено обезбедивме пристап во базите на податоци од МТСП во делот на користниците на социјална помош и други бенефиции што ги дава МТСП и соработката со Агенциите за вработувања во однос на тоа да провериме дали донаторите на политичките партии се евентуално социјални корисници, дали се вработени, едноставно дали имаат бекграунд износи што ги донирале во изборните камапња, рече Николовска.

Ова, нагласи, ќе биде период во кој ќе ги направиме тие вкрстени проверки.

– Оваа година обезбедено е ангажирање надворешни соработници кои имаа цел да ги следат локациите на билбордите на политичките партии каде се поставени, со цел да се види дали локациите се согласно закон и дали се одобрени од ДИК, да се види со каков рекламен материјал располагаат партиите, каде имаат штабови, како пристигнуваат на средби со граѓаните, дали користат јавни средства и возила. Тоа е битно кога ќе ги достават финансиските извештаи да провериме дали сите тие рекламни материјали се пријавени, документирани… Сите овие расходи и трошоци направени се со цел да потврдиме дали прибраните средства се од законски извори обезбедени, истакна Николовска.