ДКСК не може да дознае колку функционери има во државата


Фото: Б. Грданоски

Државната комисија за спречување на корупцијата нема точен податок за бројот на функционерите и за нивната имотна состојба бидејќи раководните лица на институциите и органите кои вршат избори и именувања и се должни да доставуваат образец со податоци – не ги доставуваат редовно. Ова го покажува извештајот на „Транспарентност Македонија“ за работата на Комисијата во последните три месеци. Вкупниот број на доставени обрасци на избрани и именувани лица во регистарот изнесува 5.346.
Членовите на Комисијата не ја провериле ниту вистинитоста на податоците од изјавите за имотната состојба, но во случаите каде што е утврдено дека не е поднесен анкетен лист издаден е прекршочен платен налог. Досега се издадени вкупно 24 прекршочни платни налози, а во тек се 49 постапки за проверка на вистинитоста на податоците од изјавите за имотната состојба.
Во последните три месеци Комисијата не повела нови постапки за испитување на имотната состојба, но во тек се девет постапки започнати во претходните три месеци. Од јуни до август ДКСК не поднеле иницијативи до Јавното обвинителство ниту, пак, иницирала постапки за испитување на основата на стекнување имот на член на семејството или блиско лице. Комисијата, исто така, не може да ја утврди бројката на лица кои треба да поднесат изјава за интереси бидејќи не се доставуваат редовно.
Но ова не е единствен проблем на Комисијата. Надзорните и управните одбори на јавните претпријатија не утврдиле одговорност кај раководните лица за кои Антикорупциската комисија донела одлука дека го злоупотребиле дикрециското право. Антикорупционерите сега им ги бараат записниците, за да видат на кој начин се одвивала расправата и зошто не е утврдена одговорност, затоа што, според нив, е очигледно прекршувањето на дискрециското право.
По повеќе од една година без Антикорупциска комисија, на почетокот на февруари оваа година таа конечно беше формирана за да ја спречи корупцијава во земјава. Но, и по седум месеци функционирање, членовите на Комисијата работат во истите простории и не се електронски поврзани со институциите. За претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, условите во кои работат се резултат на тромоста на институциите
„Секогаш ќе ги спомнувам условите затоа што во периодот од седум месеци воопшто не се променети. Сметам дека сите треба да бидеме задоволни, сме извадиле поука од аспект на тоа како подобро да се организираме, па и во вакви лоши услови да постапуваме. Секој почеток си има свој турбуленции, поголеми или помали, мислам дека ние главната цел што сме си ја поставиле чекориме по патот да ја оствариме“, рече Билјана Ивановска, претседател на Антикорупциската комисија.

Тие сè уште не се поврзани со 17. институции за да можат да ги добиваат документите веднаш, електронски, па мораат да одат од институција до институција и да ги собираат документите што им се потребни за еден случај. Седниците на новиот состав се одржуваат во тесна просторија во која не ги собира сите медиуми кои се заинтересирани да известуваат за седницата на ДКСК.

Во анализата на сработеното од новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) работела и „Транспарентност Македонија“, од каде што оценуваат дека резултатите од работата на ДКСК се гледаат неколку месеци подоцна и дека тоа се должи на бавноста на институциите, но и дека Антикорупциска треба да воведе начин да отвора предмети по приоритет, за да не се трошат ресурси што и онака ги немаат.

„Се губат и време, и ресурси, и капацитети, кои ги немаат доволно во моментот. Можеби е потребно да се воведе методологија за работа, што ќе направи приоритет на случаи по кои ќе постапува ДКСК со цел да се искористат постоечките ресурси и капацитет за постапување по случаи за висока или средна корупција“, порачува проектниот координатор на „Транспарентност Македонија“, Лилјана Пецова-Илиевска.
За седум месеци до Антикорупциската комисија пристигнале 785 претставки за сомнежи за корупција и судир на интереси, а од нив досега се решени 169 предмети, односно за нив е донесен соодветен заклучок.(Ф.Ф.С.)