Сомнежот произлегува по спроведената контрола на процесот на дигитализација на матичните книги на родени, венчани и починати лица. Скандалозните сознанија првично говорат дека личните податоци биле целосно незаштитени и можеби завршиле во една соседна држава. Ова се случувало во периодот кога директори на Управата биле Бујар Дардишта и Блерим Абази.

-Во своето постапување по овој предмет ДКСК утврди состојби кои укажуваат на сомнежи за несовесно работење, за злоупотреба на службената положба и овластувања и  за злоупотреба на постапката за доделување договори за јавни набавки преку фаворизирање на економски оператори. Исто така, утврди состојби што укажуваат за постоење сомневања дека со наведените постапки од страна на службени лица во Управата за водење на матични книги и од страна на одредени правни и физички лица е овозможено неовластено откривање и со тоа можна злоупотреба на личните податоци на граѓаните на Република Северна Македонија. Заради наведеното ДКСК ќе покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, стои во извештајот на ДКСК.

Во образложението на ДКСК стои дека при дефинирањето на условите за јавните тендери за дигитализација на матичните книги не се водело сметка за законските обврски на Управата за водење на матични книги според кои контролата, преносот и обработката на личните податоци треба да го врши во согласност со легислативата од областа на заштитата на податоците. Според ДКСК, побараните ISO сертификати го докажуваат квалитетот на економските оператори за работа со класифицирани т.е. доверливи податоци и информации, но не и квалитетот за собирање, контрола, обработка и пренос на личните податоци. Имено, личните податоци не се класифицирани за да се сметаат за доверливи, туку истите подлежат на висока заштитна регулатива согласно со легислативата за заштита на личните податоци.

Дополнително, откако бил објавен несоодветниот тендер, Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава заради фаворизирање на економскиот оператор Новатек Инв ДООЕЛ Скопје во постапката за доделување на договорот за јавната набавка.Новатек Инв ДООЕЛ Скопје била основата непосредно пред започнувањето на постапката за доделување на договорот за јавната набавка, а сопственикот и управител на Новатек се јавува како основач и застапник на едно Здружение за меѓу гранична соработка помеѓу  Северна Македонија, Албанија и Косово.

По смената на директорот бил распишан втор тендер за двојно поголема сума за истата работа и повторно со истите неприфатливи услови за заштита на дигитализацијата, кој го добил економски оператор поврзан со истите компании и со ангажман на истите вработени со ISO сертификати. ДКСК најпрво испитувала зошто во двете тендерски документации никаде не биле предвидени соодветни заштитни мерки за да се зачува приватноста на личните податоци на граѓаните на РСМ при скенирањето, контролата, управувањето, преносот и обработката , а откако се спровела дигитализацијата барала и супервизија за да провери кој имал пристап со скенираните документи за лични податоци, како истите биле зачувани, дали биле заштитени, дали воспоставениот систем за нивна заштита бил ефикасен и ефективен и дали истите се употребени за незаконски цели. Притоа биле констатирани сериозни пропусти , односно се покажало дека не се знае кој пристапил до личните податоци, каде истите биле изнесени, каде завршиле и со каква цел. 

Бујар Дардишта беше именуван и за нов управител на едно од новоформираните три претпријатија на ЕСМ за топлинска енергија за затоплување на скопјани на местото на БЕГ – ЕСМ Дистрибуција. Дардишта стана „популарен“ во јавноста откако Државниот завод за ревизија утврди дека во 2019 година, кога тој бил директор на Управата, биле издадени 21.957 погрешни изводи, односно 4 отсто од вкупниот број издадени изводи од матичните книги. Во реализираната ревизија бил констатиран кусок од 94.451 изводи во матичните книги во Скопје, Тетово, Ресен, Гостивар и во Прилеп. Односно, ДЗР утврдил дека за толку обрасци на изводи не се наплатени ниту административни такси. Блерим абази на оваа функција дојде како кадар на Алтернатива.