ДКСК: Директор на јавно претпријатие дал автобуси да се брендираат со кандидат на изборите


Од вкупно 1.514 институции, кои имаа обврска да достават податоци за службените возила пред изборната кампања минатата година, обврската ја исполниле само 635,  додека 879 не доставиле.

Дека ваквите трендови не се случајни покажа и еден од предметите за кои ДКСК најави дека ќе иницира кривична постапка, а се однесува на директор на јавно претпријатие кој дал на користење јавни автобуси во политичка кампања на еден од кандидатите, при што биле брендирани и насликани со негова фотографија. За кој кандидат станува збор ДКСК не објави, но нагласи дека автобусите се јавни добра и дека директорот постапил спротивно на законските одредби кои го ограничуваат тоа. 

На седницата имаше и предмет што бил пријавен во Антикорупциска комисија во 2025 година од непознат подносител, а во која пишувало дека декан на факултет за биотехнички науки на еден Универзитет, противзаконски постапил кога вработил еден ист наставник во сите звања – говедарство, генетика, домашни животни итн. За ова, како што открија антикорупционерите се води постапка пред Обвинителството и во МВР па тие нема да постапуваат.

Исто така ДКСК разгледувала предмет според кој син и ќерката на пратеник во Собранието  во септември 2025 година формирале Друштво за градежништво, трговија и услуги каде ќерката на пратеникот била сопственичка, а синот управител. Антикорупциска отворила предмет по сопствена иницијатива зашто пратеникот не ја пријавил оваа фирма на децата во својот анкетен лист, ама го поништила прекршочниот записник затоа што пратеникот нема обврска да ја пријавува конкретната фирма – бидејќи неговите деца не живеат во исто домаќинство со него туку на друга адреса.

Генерално, ДКСК го престави иозвештајот за финансирањето на изборната кампања за локалните избори минатата година, при што препорача дека се потребни поцврсти и појасни решенија во Изборниот законик за следење на финансирањето, особено што некои од учесниците имаат и повеќе банкарски сметки. ДКСК исто така препорача да се дигитализира процесот за да проверката биде поефективна и навремена. Претседателот на ДКСК,  Адем Чучуљ сумирајќи ги наодите посочи дека иако постојат основни механизми за финаниско известивање и јавна отчетност, нивната ефикасност не е доволна и дека одредени  слабости во значаен дел се повторуваат  во изборни циклкуси.

 Потоа тој изнесе бројки како се трошеле парите од страна на партиите на изборите, од кои произлезе дека најмногу , па и доминантно многу пари отишле на пропаганда и политичко рекламирање. Според него, видливо е дека  финасирањето на кампањите исто така останува  доминантно зависно од јавните средства, како и од внатрешно партиски извори на учесниците. Проверливоста на финансирањето е ограничена, како што рече Чучуљ, поради системски пропусти. 

Па, така, ДКСК утврдила дека вкупните приходи од финансирањето на изборна кампања биле приближно 569 милиони денари, при што наголемиот дел (46,7 отсто) се од средствата за платено политичко рекламирање, а потоа следуваат донации од правни, физични лица…

Трошоците за кампањата изнесувале околу 301 милион денари, а најголемиот дел од средставата биле насочени кон рекламирање и пропаганда (76 отсто), за одржување на предизборни митинзи и собири се потрошени 8,3 отсто, за стручни услуги и истражувања 7,3 отсто, за транспорт и логистика 4,4 проценти, за репрезентација 1,8 отсто, за изнајмување простор 1,4 отсто.  Чучуљ посочи дека Извештајот ќе биде доставен до Собранието, а од понеделник ќе биде објавен и на веб страницата на ДКСК. 

На денешната седница Софија Спасова Медарска беше избрана за заменик-претседател на ДКСК, во следните шест месеци.