ДКСК бара да се спроведе Законот за дивоградби на крајбрежјето на Охридското Езеро

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со дивоградбите на крајбрежјето на Охридското езеро, ги повикува Владата во соработка со надлежните институции, Министерството за транспорт и врски, Државниот градежен инспекторат, Министерството за животна средина и просторно планирање и Управата за заштита на културно наследство, да постапат согласно регулативата и да ја применат преку конретни мерки и активности.

Владеењето на законот, стои во денешното соопштение од ДКСК, мора да се почитува без исклучок, а во случајов да се постапи согласно незаконското располагање на крајбрежјето на Охридското Езеро.

– Имено, договорите за краткотраен закуп на плажите во Охрид и Струга се истечени од 2016 година до денес, а дополнително на тоа останува да се постапи и да се спроведе законот за бесправно изградените објекти и да се обезбеди владеење на правото во ова подрачје и во целата држава. Дотолку повеќе што се работи за подрачје заштитено од УНЕСКО, а локалните функционери не само што не ги извршуваат своите ингеренции и делумно ги спроведуваат законите, туку си дозволуваат и непримерно однесување и се поставуваат над законот, се подвлекува во соопштението од ДКСК.