ДКСК: Американците сакаат самите да видат за што се потрошени милионите во правосудството
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја поздравува одлуката за испраќање тим од Вашингтон кој ќе помогне во истражувањето корупција меѓу бивши и сегашни функционери во земјава.
-Поразително е што ние дома не сме си ги завршиле задачите. За високата корупција, ако се има искрени намери, може да се случи нешто добро. Ние сме сериозен кандидат за влез во ЕУ, Американците не поддржуваат и ни даваат поттик, но вакви какви што сме, реално имаме проблем со правосудниот систем. Тие ни даваат помош да го надминеме тој проблем и полесно да зачекориме, рече Ивановска на денешната прес-конференција.
-Да ти дојде тим од Америка, до тоа ниво е допрено дното. И тие не ги прифаќаат сите лаги што им ги сервираме, во смисла дека се бориме со корупцијата. Затоа тие се дојдени со свои очи и уши да видат каде се потрошени тие пари, изјавија денеска од Антикорупциската.
Ивановска додаде дека за високата корупција ќе биде тешко да се искорени, но ако се има искрени намери оптимистична е дека може да се промени нешто.

Во однос на тоа дали ќе имаат средба со тимот од Вашингтон, Ивановска истакна дека сè уште немаат точни информации дали воопшто ќе остварат средба со нив.
Членовите на ДКСК порачаа дека со самото доаѓање на тимот, ќе се изврши притисок во институциите и ќе постапат сериозно според апелите на Комисијата и нивните иницијативи.
За Законот за ветинг, Ивановска вели дека е работа на политичката волја и дали се тие спремни да го спроведат. Горан Трпеноски, член на ДКСК посочи дека најосновното прашање што треба да се постави е „кој ќе го спроведе тој закон“, бидејќи од досегашното искуство, како што посочи тој, државата нема капацитет да направи комисија што ќе го спроведе законот.