ДИЖС со вонреден инспекциски надзор за хидроцентралата кај Кочани, не начекале активности


Вонреден надзор на градежните активности за мини хидроцентралата Мала Река кај Кочани направил Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), откако граѓанските здруженија преку медиумите и социјалните мрежи реагираа за деградирање на природните ресурси.

По направениот увид на локацијата на која се изведуваат подготвителни градежни работи за хидроенергетскиот објект, ДИЖС изготвил записник во кој е констатирана затекнатата состојба. 

-Во врска со изградбата на малата хидроцентрала во заштитеното подрачје Осоговски Планини, Кочанско, со референтен број 361 од правниот субјект ДИС Енергија ДОО Скопје, констатирано е дека во моментот на надзор на самата локацијата нема активности. Во претходните три дена имало активности со механизација за формирање на пат од левата страна на Мала Река, во должина од околу 100 метри. Контактиран е управителот на правниот субјект и повикан е на состанок во седиштето на ДИЖС со целокупната документација за изградба на малата хидроцентрала. По увид во документацијата ќе следи соодветна испекциска постапка, за што јавноста ќше биде информирана, се истакнува во известувањето од Државниот инспекторат.

Граѓанските здруженија од Кочани подолг период се спротивставуваат на изградбата на какви било објекти во околината на браната Гратче, каде што е и локацијата на мини хидроцентралата на Мала Река, со обвинувања дека воопшто немало јавна расправа пред да бидат издадени градежните и други дозволи. Реакциите се однесуваат и на користењето на локалниот асфалтен пат што е во надлежност на Општина Кочани, а по кој треба да се пренесува градежната механизација и опремата за објектот и цевководот.