ДИЖС го казни Пејпер Мил за загадувањето со 20.000 евра

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) денеска соопшти дека интензивно работи на спречување на загадувањето од Пејпер Мил – Кочани и оти инсистира на почитување на законите. Промените што ги правел инвеститорот не дале резултати и фирмата е казнета со 20.000 евра.

– Од првиот вонреден надзор над инсталацијата на 4 ноември 2020 година, направени се две мерења (на 13.11.2020 и 02.12.2020) и два пати е констатирано надминување на дозволените вредности. Промените во процесот и опремата што во меѓувреме ги правеше инвеститорот, не дадоа резултат. Предложена е казна од 20.000 евра, со Решение е наредено да се врши редовно мерење на емисиите, а Пејпер Мил се обврза да инвестира во вреќаст филтер поради повеќекратно намалување на емисиите, соопштија денеска од Државниот инспекторат за животна средина.

Наредното мерење на емисиите, инспекторатот го најавува за 30-ти декември и доколку се докаже дека повторно загадува, ќе се нареди работењето да премине на плин.

– Доколку со ова мерење се докаже надминување на граничните вредности, ќе се нареди инсталацијата да престане да го користи котелот на пелети и да премине на плин. Во спротивно ќе се забрани работењето, се до обезбедување на филтерот и водење на процесот на начин на кој нема да се загадува Кочани, потенцираат од ДИЖС.