„Дизер“: Една од 10 песни на стрим-платформата е лажна


Фото: Б. Грданоски

Музичката стрим-платформа „Дизер“ (Deezer), со седиште во Париз, Франција, денеска објави дека една од 10 песни коишто се поставуваат на стрим-сервисот секој ден, е или лажна или само бучава создадена од програмите за вештачка интелигенција. Лажните песни, секако, вообичаено се придружени со не така „лажни“ сметки на измамниците заради лесна заработка.

Технологијата за откривање измами на компанијата откри дека „околу 10.000 траки, целосно генерирани од вештачката интелигенција се поставуваат на платформата секој ден“, што е околу 10 отсто од вкупниот број. Успешно идентификуваната „содржина со вештачка интелигенција без потреба од опсежно учење за специфични бази на податоци“, ја натера компанијата – минатиот месец да побара два патента, се вели во соопштението.

– ВИ продолжува да го нарушува музичкиот екосистем сѐ повеќе и повеќе, рече извршниот директор, Алексис Лантерние.

Следниот чекор на „Дизер“ е систем за етикетирање на содржината генерирана со ВИ, којашто би била исклучена од препораките за слушање. Покрај тоа, се работи и на измени на моделот на наградување во обид да им се плати на изведувачите чии песни добиваат помалку преземања, но имаат поразновидни слушатели.