Дитмир Бушати лидер на Самоопределување – Албанија


Ден по веста дека косовското Движење Самоопределување (ВВ) е регистрирано како политички субјект и во Албанија, албанските медиуми објавуваат дека на чело на оваа нова партија ќе биде Дитмир Бушати, поранешен министер за Европа и надворешни работи во Владата на Еди Рама.

Според извори на Самоопределување, Бушати се очекува деновиве и официјално да ја напушти Социјалистичката партија на Рама и да стане лидер на ВВ во Албанија.

Меѓу првите кои го најавија формирањето на Самоопределување во Албанија беше познатиот аналитичар Батон Хаџиу, кој беше и најгласен промотор на новиот албански министер за Европа и надворешни работи, Косовецот Гент Цакај, кој дојде на местото на Бушати.

Всушност Бушати  беше во центарот на медиумскиот интерес по неговиот говор во албанскиот Парламент, кога рече дека е време пред политичките да се стават националните интереси.

Медиумите го наведуваат и големото пријателство меѓу  Бушати и лидерот на косовското Самоопределување, Албин Курти.

Барање со потребна документација за запишување во Регистерот на политички партии на политичкиот субјект Движење Самоопределување – Албанија е поднесено на 11 март 2019 година во Судот во Тирана.