Дистрибуирана помошта на семејствата од поплавената населба во Кичево


Општинската организација на Цевениот Крст во соработка со општина Кичево, изврши дистрибуција на помошта наменета за семејствата чии домови беа поплавени при неодамнешното излевање на Зајашка Река. Помошта се состоеше од ќебиња, прехранбени и хигиенски пакети.

-Помошта која беше наменета за семејствата од поплавената населба во Кичево во целост ја дистрибуиравме. Оваа помош се состоеше од 117 ќебиња и по 80 прехранбени пакети и исто толку хигиенски пакети. Преостанатите 37 прехранбени и хигиенски пакети ги обезбеди општина Кичево, според списокот што го направи комисијата а се однесуваше на лицата и семејствата чии домови беа поплавени при неодамнешното излевање на Зајашка Река. Се надеваме дека барем накратко ќе им го разубавиме животот на домаќинствата од оваа населба, кои по повлекувањето на водата од нивните домови се вратија во нормала, рече Јане Кочоски, од ООУ Црвен Крст Кичево.

Тој појасни дека помошта била подготвена уште истата вечер кога дошло до поплавување на домовите од оваа населба и беше испратена во спортската сала каде што требаше да ноќеваат настраданите семејства, кои од разни причини не дојдоа во салата, а Црвениот Крст од Кичево одлучи истата да се дистрибуира во домовите каде што живеат.