Дискавери и Еуроспорт повторно на MaxTV програмата


Популарните ТВ канали Дискавери (Discovery) и Еуроспорт (Eurosport) повторно ќе бидат дел од MaxTV програмата, соопштија од Македонски телеком.

Од таму додаваат дека ТВ понудата на MaxTV покрај Discovery Channel, Eurosport 1 и 2, ќе се збогати и со TLC и Travel Channel, во висока HD резолуција за сите корисници на M и L тарифите, а наскоро уште пет други Discovery канали во L тарифите.

Инаку, Македонски телеком соопшти дека повеќе од 90 канали од стандардна SD, ќе се заменат со HD резолуција, како резултат на модернизација на платформата со нова технологија. HD верзиите на каналите ќе бидат дел од стандардната понуда на MaxTV и достапни за сите корисници, независно од технологијата на поврзување.

MaxTV денес брои над 146.000 корисници. Замената на каналите од SD во HD резолуција ќе се одвива етапно, во следните две недели.