Дисидентите во ВМРО-ДПМНЕ бараат Мицкоски да закаже вонреден конгрес


Секој ден по една изјава за барање оставка од Христијан Мицкоски – така засега ја конципираат својата стратегија незадоволните во ВМРО-ДПМНЕ од ситуацијата во нивната партија и раководењето на Мицкоски. Денеска, поранешниот градоначалник на Дојран и член на иницијативниот одбор за свикување на нов конгрес, Борче Стамов, изјави дека поддршката за нивните барања раснела од ден на ден. „Бројот на делегати на конгресот, актуелни и поранешни партиски функционери, или општо членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се приклучуваат кон идејата расте секој ден. Тоа ни дава право да заклучиме дека сме на вистинскиот пат“, рече Стамов во изјавата дадена пред Музејот на ВМРО.

Според него, пракса во западните демократии по пораз на избори лидерот на партијата да поднесе или во најмала рака да понуди оставка од позицијата. Тој стандард веќе го имале во партијата. „Да потсетам, претходните претседатели Георгиевски и Груевски, кои што ја раководеа партија по повеќе од 10 години и ја водеа низ повеќе победи и успеси, при првиот свој пораз го запазија овој стандард. Актуелниот претседател не донесе ниту една победа или успех, и нема никаква рационална причина тој да биде привилегиран пред Георгиевски и Груевски“.

Стамов тврди дека мандатот на сите членовите на Извршниот комитет е истечен, дека мандатот на најголемиот дел од членовите на Централниот комитет е истечен, па легитимен партиски орган кој би можел да дискутира за состојбата на партијата е Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во услови кога немаме Централен комитет да носи легитимни партиски одлуки, вонреден конгрес може да свика претседателот или пак самите делегати на конгресот. За да се избегнат натамошни поделби најдобро е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да свика вонреден конгрес. Оттука, го повикувам претседателот да покаже демократски капацитет и уште утре да свика и закаже вонреден конгрес. Ако претседателот на партијата е сигурен во довербата на членството, за него е најдобро да се повлече, па конгресот кој го избра да има шанси повторно да се изјасни за доверба кон него“. рече Стамов.

Тој уште рече дека партијата никогаш во својата историја не била до толку поделена и состојбата во неа не е црно-бела каква шрто сакало да ја прикаже раководството на партијата.