Дисидентите му дишат во врат на Мицкоски


Дисидентите организирани во Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ му дишат во врат на лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Денес порачуваат дека сѐ што ќе каже Мицкоски не исполнува и дека глуми оти води политичка битка со Зоран Заев.
„Сѐ уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е потпросечен спаринг партнер на Зоран Заев, кој секој изборен циклус го користи за да симулира дека има политички опонент со кого наводно се натпреварува.
Христијан Мицкоски не е човек од збор. На Христијан Мицкоски не може да му се верува. Пред речиси една година, во октомври 2019, Мицкоски најави дека ќе си поднесе оставка доколку по втор пат загуби на избори. Оставка најави дури и да победи, но да не успее да формира влада. Изборите ги загуби, влада не формираше, а оставка нема.
На 15 август најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го оспори пред Уставниот суд доделувањето на мандат на Зоран Заев. Ништо не се слушна ниту за најавената иницијатива, ниту пак имаше некакви протести. Членството се сомнева дека и тоа било глума за да се одвлече вниманието од сопствената одговорност и да се продолжи улогата на спаринг партнер на Заев кој ќе биде поразен на секои наредни избори.
Генералниот секретар Игор Јанушев вчера му врачи мандатно писмо на Зоран Заев во името на народот, но иницијативниот одбор сака да го потсети на мандатното писмо што членството и вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ му го упатија на сѐ уште актуелниот претседател пред цели три години. Во тоа мандатно писмо имаше три точки. Да ја обедини партијата, да ги подобри односите со меѓународните партнери и коалицискиот капацитет и да го врати ВМРО-ДПМНЕ на победничка патека.
Ни една од трите обврски на Христијан Мицкоски не се исполнети. Напротив. Партијата е повеќе поделена од кога било. Партијата е поизолирана од кога било, а се губат неколку изборни циклуси по ред.
Затоа одговорност мора да има. Доколку не заради зачувување на сопствениот образ, тогаш заради угледот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски треба да си поднесе оставка и да го закаже вонредниот конгрес“, порачуваат од Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.