Директорски смени во јавните претпријатија во Битола


 

БИТОЛА – ЈКП „Комуналец“ Битола од денеска има нов директор, Горан Степановски, откако градоначалникот Тони Коњановски не ѝ го продолжи в.д. мандатот на досегашната директорка Гордана Наумовска. Степановски досега беше директор на ЈП „Паркинзи“ Битола. Сега по оваа рокада, во „Паркинзи“ за директор доаѓа Зоран Михајловски, вработен во РЕК „Битола“, инаку поранешен кадар на ВМРО Народна и екс-директор на ЈП „Пазари“ Битола.

Од општина Битола за смената денеска известија дека „Степановски во изминатиот период, како директор на ‘Паркинзи’ покажа високи резултати во организирањето и реализацијата на програмата за работа и работните задачи на претпријатието“.

На последната седница пред нова година, Советот на Општина Битола не ги изгласа – финансискиот план за работа, програмата за одржување на јавна чистота и јавни зелени површини на „Комуналец“ за 2023. Извештаите не поминаа пред советниците откако опозициската СДСМ и Левица, која е дел од владејачкото мнозинство гласаа против, а тројцата советници од независната листа „Поинаку“ беа  воздржани, иако се дел од власта и нивно е претседателското место во Советот.

„Комуналец“ на чие чело беше Наумоска, наиде на критики дека хигиената во градот не е добра, како и тоа дека натрупа загуба од 13,5 милиони денари. Од ВМРО-ДПМНЕ образложуваа дека состојбата е ваква поради кредитот што го подигнала претходната власт на СДСМ предводена од Наташа Петровска и директорот Панде Богоевски, па сега „Комуналец“ мора да го враќа.

Од друга страна, факт е дека цената на услугата на „Комуналец“ е непроменета од 1998 година и пример за стан од околу 75 метри квадратни сметката е пониска од 300 денари.

Предлозите на дел од советниците беа дека сметката би требало да се зголеми барем за 1 евро од домаќинство.

Советот не ги изгласа ни плановите за работа на ЈП „Водовод“ и „Жабени“ за 2023 година. Со „Водовод“ раководи Пеце Милевски, инаку претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола, кому Општина Битола му испрати ревизија дали ја злоупотребил службената должност и со возилото од „Водовод“ патувал во Грција за приватни цели и со свои блиски луѓе кои не се вработени во претпријатието. Се чека ревизорскиот извештај, по што ќе следи и разврска за овој случај кој јавно на седница на Совет го отвори претседателката Габриела Илиевска.

Пред неколку месеци Коњановски не ѝ го продолжи мандатот и на сега екс директорката на ЈП „Пазари“, Соња Карапашовска. На челната позиција во ова јавно претпријатие сега е кадарот на ПОДЕМ, Николче Гацовски. (А.Б.)