Директорот што бараше донации на Фејсбук ќе добие амбулантно возило


Откако директорот на струмичката болница преку Фејсбук побара донација за ново болничко возило, се огласи пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов. Тој напиша на Фејсбук дека владата обезбедила возило за струмичката болница и дека тоа ќе пристигнело за два месеци.

„ Во оваа пандемија, клучот е да бидеме одговорни и во интерес на граѓаните да делуваме со ладни глави. Го разбирам притисокот кај здравствените работници.

Во консултации со премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче би сакал да ја информирам јавноста дека е обезбедено ново амбулантно возило и најдоцна за два месеци, до декември оваа година треба да пристигне за Струмичката болница“, напиша Костадинов.

Тој додаде дека се правеле напори за повеќе возила и дека во првото тромесечије од 2021 година, како донација од Кина ќе пристигнеле 60 амбулантни возила за Македонија.