Директорот на здружението на превозници тврди дека автобусот бил постар од три години


Ивајло Константинов, извршен директор на Националната асоцијација на автобуски превозници во Бугарија изјавил за БНР дека изгорениот автобус не бил стар три години, туку „најмалку 15-20 години“.

„Неговиот модел е најмногу од 2005-2008 година. Доколку сопственикот тврди дека има 3 години, можно е да постои таква практика кај македонските компании да се рециклираат стари автобуси во Турција, заменувајќи ги сите расипани делови со нови. Ова ја компромитира фабричката изолација која не гори лесно.Не се знае од какви материјали е изработена оваа изолација. Така што, ако некој тврди дека неговиот автобус е стар 3 години не е точно, бидејќи се гледа од моделот на возилото“, рече Константинов.

Тој нагласи дека автобусите се обезбедени така да не се запалат лесно и  дека не знае за уште еден таков случај на целосно изгорен автобус за толку кратко време – околу 5 минути.