Директорот на Транспортната заедница и министерот Бочварски на увид на пругата кон Бугарија


 

Со огромна поддршка од Транспортната заедница, со соседите Албанија и Бугарија, како и Италија, успеавме овој Коридор 8 да го ставиме на главната мапа на европски коридорди и токму поради тоа огромно е значењето овој европски коридор да биде доизграден, како на железничката оска, така и на патната мрежа, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска заедно со Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница и со директорот на Железници Инфраструктура, Зоран Трифуновски, извршија увид на изградбата на железничкиот Коридор 8.

Изградбата на железничка пруга на источниот дел од Коридор 8 е инвестиција од 700 милиони евра и чекор напред во развојот на железничка мрежа во Македонија. Оваа железничка пруга се гради во три фази.

„Драго ми е што денеска заедно со мојот пријател Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница и со директорот на Железници Инфраструктура, Трифуновски сме присутни на железничкиот Коридор 8. Европската унија ни дава силна поддршка за изградба на овој коридор како услов за ефикасно регионално поврзување. Нашата примарна цел е да создадеме модерна железничка мрежа, која ќе овозможи економски раст, брз и ефикасен транспорт на товар и патници и регионален развој“, рече Бочварски.

Директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, истакна дека Коридорот 8 не е важен само за Македонија или за Албанија и Бугарија, туку е клучен за цел регион, поврзувајќи ги Црното Море и Медитеранот. „Одлично е да се биде повторно тука во Македонија, одлично е да се биде тука во Куманово, каде заедно со министерот Бочварски и директорот Трифуновски го следиме прогресот на изградбата на пругата на Коридорот 8. Градежните работи на овој значаен коридор се одвиваат со добра динамика, со запазување на сите рокови. Би сакал да потенцирам дека освен изградбата на железницата, многу е важно да имаме и реформи во овој ресор, со цел железничкиот транспорт да биде одржлив и во функција за граѓаните“.

Во следните два дена Македонија е домаќин на Министерскиот совет на министрите за транспорт од регионот на Западен Балкан, како и Молдавија, Грузија и Украина.