Директорот на ТАСС бил сменет бидејќи агенцијата известувала за бунтот на „Вагнер“

Директорот Сергеј Михајлов заборавил дека една од главните задачи на агенцијата е да не се известува за настани


Сергеј Михаилов

 

Разрешувањето на генералниот директор на руската државна новинска агенција ТАСС, Сергеј Михаилов, беше казната на Кремљ за премногу детално покривање на бунтот на платеничката група „Вагнер“.

Ова за „Москва тајмс“ го кажале пет извори – висок вработен во ТАСС, вработен во претседателската администрација, два високи извори во Државната дума и функционер на руската влада.

Михајлов, кој беше на чело на ТАСС од 2012 година, ја загуби функцијата на 5 јули и стана првиот цивилен функционер казнет по бунтот на „Вагнер“, што ги чинеше кариерите на голем број руски воени офицери, вклучително и поранешниот командант на војските Украина, генерал Сергеј Суровикин.

Жалбата на Кремљ против Михајлов беше претерано ревносно покривање на „вестите“ за деталите за заземањето на штабот во Јужниот федерален округ од вооружени платеници во време кога руската влада јавно покажа слабост и беше во паника. Државната ТАСС беше една од првите, рано наутро во саботата на 24 јуни, која објави фотографии од Ростов на Дон, јасно докажувајќи дека борците на „Вагнер“ го окупирале центарот на градот и го блокирале штабот од каде што се командува со трупите во Украина.

„ТАСС го го покриваше сето ова премногу детално и брзо. Им се случи некакво лудило. Заборавија дека нивната главна задача е да не известуваат за настани. И да се создаде идеолошки коректен наратив за Кремљ“, изјави руски владин функционер за „Москва тајмс“.

Кремљ, кој ги држи под строга контрола сите државни и приватни медиуми, беше незадоволен и од епизодата со бунтот на Пригожин и од генерално недоволното ниво на пропаганда од страна на ТАСС, изјави извор од раководството на агенцијата и беше потврдено од соговорник во Кремљ и соговорник во еден од најголемите руски медиумски холдинзи.

Алексеј Громов, првиот заменик-шеф на претседателската администрација задолжен за руските медиуми, „едноставно беше бесен“, рече извор на ТАСС.

Последната капка за Кремљ беше информацијата дека Михајлов ја напуштил Москва, кога тенковите и оклопните возила на „Вагнер“ забрзано се движеа кон главниот град, а од аеродромите еден по друг летаа деловни авиони на олигарси и службеници.

Меѓу нив, наводно, биле пријателот од детството на Владимир Путин, милијардерот Аркадиј Ротенберг, вицепремиерот Денис Мантуров, милијардерот Владимир Потанин, како и милијардерот Борис Ковалчук, син на уште еден пријател од детството на рускиот претседател, Јуриј Ковалчук. Самиот Путин, како што изјавиле извори за „Москва тајмс“, исто така ја напуштил Москва по препорака на службата за безбедност.

Михајлов навистина го напушти главниот град, изјави неговиот долгогодишен познаник за „Москва тајмс“: „Тој одлета. Но му се јавиле и му рекле итно да се врати. Потоа на сите им кажа дека има однапред планирано патување. Но, кому му е грижа?“

За Михаилов и неговите подредени – 2 илјади вработени во новинската агенција – неговата оставка беше вистински шок, изјавија три лица кои добро го познаваат поранешниот генерален директор. Кога рускиот заменик-премиер Дмитриј Чернишенко на 5 јули отиде до седиштето на советско-модернистичката зграда на ТАСС во центарот на Москва, никој не се сомневаше дека тој ќе им објави на вработените назначувањето на нов директор.