Директорот на РЕК „Битола“ бара извинување од Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ
Острата размена на околу ископот на јаглен во „РЕК „Битола“ денеска продолжи со изјавата на директорот на битолскиот комбинат за извинување на говорникот на ВМРО-ДПМНЕ наведувајќи дека ширел лаги и манипулации.
„Никој, а најмалку политичка партија, која РЕК ‘Битола’ го третираше како златна кокошка, не смее да шири лаги и невистини за работата на комбинатот од кој зависи судбината на Македонија. Барам извинување од Стевче Антовски во рок од 24 часа. Во спротивно РЕК ‘Битола’ ќе поднесе тужба за клевета. Секој што ќе излезе на партиска говорница со цел да ја оцрни работата на над 2.000 луѓе мора да има барем ронка одговорност за јавно кажаното“, рече директорот на РЕК ‘Битола’ Пеце Матевски
Тој потенцира дека на последниот јавен повик за избор на фирма за ископ во рудникот Брод – Гнеотино, се јавиле не една, туку две фирми. Договорот бил склучен согласно сите законски процедури.
„Секоја година, од отворањето на Брод – Гнеотино во 2012 година, се врши набавка на услуга за ископ на јаглен и јаловина. Причината е тоа што во Брод – Гнеотино се врши дисконтинуиран ископ на јаглен, за разлика од рудникот Суводот каде станува збор за различен систем на ископ, кој се врши со сопствени ресурси на РЕК Битола. Наведениот договор е склучен на 18 месеци, не на 12 месеци како претходниот со цел да не се случи завршување на договорот во текот на грејната сезона. Ако калкулаторот им беше во ред и ги поделеа износите, јасно ќе забележеа дека се работи за речиси идентична сума за услугата и лани и годинава и покрај зголемувањето на цената на нафтените деривати што ги користат машините“, вели во изјавата Матевски.
Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ претходно денеска презентираше поинакви наоди.
„РЕК ‘Битола’ склучува коруптивен договор во висина од 20.000.000 евра на тендерот со еден понудувач ‘Марковски компани’. Само за споредба, кога имало конкуренција за истата намена во 2021 година РЕК ‘Битола’ платил 13.000.000 евра што е за 7.000.000 евра помалку.
Денес ќе објавиме зошто синдикалниот лидер на РЕК ‘Битола’ Менде Фидановски молчи и нема ниту збор за бројните афери поврзани со РЕК Битола, за теророт, за отпуштањата, за немањето ХТЗ опрема. Менде Фидановски откако е главен синдикалец има наплатено 1.200.000 евра од РЕК ‘Битола’ на име тендери, преку сопствената семејна компанија која до 2020 година била водена од неговата сопруга. Истата таа од 2020 година е вработена во РЕК ‘Битола’, во службата за деловно техничка апликација како организатор на обработка. Сега семејната фирма со еден вработен ‘Компакт МСФ’, ја води нивниот син Мартин Фидановски“, рече Антовски.