Директорот на протоколот во МНР поднел оставка по гафот со словачкото знаме


 

Директорот на протоколот во Министерството за надворешни работи поднел оставка од функцијата поради гафот со словачкото знаме за време на посетата на шефицата на словенечката димпломатија Тања Фајон во Скопје. За ова синоќа информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи, и додаде дека тој ја прифатил оставката.

Гафот се случи пред десетина дена кога место словенечко, во кабинетот на Османи во МНР, за време на неговата средба со словенечката министерка беше поставено знамето на Словачка.

„Тоа беше едно од десетте знамиња и кога имате интензивна агенда се прават грешки. Директорот на протоколот поднесе оставка иако немаше никаква директна одговорност, оставката ја прифатив. Тоа се други луѓе, а поради морална одговорност тој поднесе оставка“, рече Османи во гостување на ТВ24.

Според него, директорот на протоколот во македонското МНР бил на функцијата околу една година, а оставката ја поднел веднаш по грешката со знамето.