Директорот на „Кумановско-липковско поле“ поднесе кривични пријави до ОЈО против тројца вработени


Директорот на  АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“  Оливер Илиевски, денеска до Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави против тројца вработени во претпријатието за „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службена положба и овластување“, „измама во служба“, „фалсификување на службена исправа“, „проневера на служба“, „несовесно работење“, „фалсификување или уништување на деловни книги“, „фалсификување на исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.

– Време е да се дознае зошто во изминатиот период толку многу е уценувано за пари јавното претпријатие „Водовод“, каде завршувале парите на граѓаните, а завршувале во нечии џебови, изјави Илиевски.

Илиевски на прес-конференцијата наведе дека оваа група вработени изработила лажни документи за прием на стоки и материјали во магацинот на претпријатието, го фалсификувала потписот на магационерот, изработила лажни документи за испратница од магацин со фалсификувани потписи на магационерот и на вработените, за стоки, кои рече никогаш не пристигнале во претпријатието. Илиевски изјави дека сите вработени, освен тројцата дале писмена изјава со која потврдуваат дека испратниците се фалсификувани и дека тоа не биле нивни потписи и никогаш не примиле такви материјали.

– Ова е само еден дел од вкупниот криминал што се случувал во Водостопанство-Куманово. Во иднина ќе го разоткриеме и ќе дознаете се што се случувало во изминатиот период, изјави Илиевски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Илиевски рече дека поради пресумпција на невиност може да ги каже само иницијалите на вработените.

– Тоа се вработените Ф.Ф., С.Ѓ и С.Л., а се работи за повеќе видови материјали, хтз опрема, песок, цемент, шибери, спојки. Таму имате доделено 485 спојки на вработен кој работи на одржување на системот во ист ден. А, за секоја спојка тој треба да направи ископ, да ја намести и да го потрпува каналот. Овие лица бескрупулозно на грбот на вработените, краделе и пљачкосувале, изјави Илиевски.

Според него, овие кривични дела се однесуваат на периодот 2016-2017 година, и нагласи дека е само еден дел, а дека ќе ги разгледуваат документите и од 2012 година. Сите тројца, појасни Илиевски, се вработени во кумановското водостопанство и дека против две лица веќе е поднесена дисциплинска постапка, а против третото ќе биде поднесена постапка во текот на денешниот ден.

– Вкупната проневера е во милионски суми, секоја ставка одделно кога ќе завршиме со сите пријави ќе ви ја кажеме секоја ставка одделно, денеска поднесовме прва пријава, очекуваме за месец два да ги средиме и другите, изјави Илиевски.

Тој појасни дека самите ги средувале документите, бидејќи утврдиле дека има несовесно работење.

– Многу од документите кои ги побаравме не ги добивме, споредивме трошоци од 2015, 2016, 2017 со трошоците од 2018 од кога сум јас таму, и видовме дека има многу голема разлика, а претходните години многу помалку е работено на системот за наводнување и расчистување на речните корита и каналите и затоа решивме да ги побараме документите и да видиме каде се трошени тие пари, изјави Илиевски.

Според него, обвинителството ќе ги проследи институционално пријавите до МВР и ќе се испита целиот случај.