
Неодамна најавивте соработка со Народната банка за размена на податоци во насока на подготовка на мерки за полесен пристап до кредити за прв стан и повторно ставање во функција на Регистарот на цени и закупнини на недвижности. Што поконкретно значи соработката и што ќе овозможи?
– Остваривме средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која разговаравме за тековната состојба на пазарот на недвижности и за можностите за поефикасна размена на информации, кои ќе помогнат при креирање на нови мерки за полесен пристап до кредити за прв стан.
Агенцијата за катастар на недвижности го води Регистарот на цени и закупнини кој со моете доаѓање на функцијата директор на Агенцијата за катастар на недви-жности повторно е ставен во функција со изготвување на извештаи (квартални, полугодишни и годишни) за прометот на недвижностите (продажби и закупи) со што Агенцијата за катастар на недвижности овозможува постигнување транспарентност на пазарот на недвижности.
Соработката со Народната банка, ќе обезбеди подобра и побрза размена на информации и зајакнување на аналитичките капацитети за следење на пазарот и ќе придонесе за поефикасна поддршка на граѓаните, особено на младите луѓе, како и на брачните парови, во решавањето на нивното станбено прашање.
При подготовката на мерки од страна на Народна банка, за полесен пристап до кредити за прв стан, Агенцијата за катастар на недвижности ќе направи проширување на Регистарот на цени и закупнини, со што ќе се овозможи во него да се евидентираат и цените на недвижностите содржани во преддоговорите со што ќе се следат пазарните трендови на цените, а воедно ќе се оневозможи вештачкото зголемување на цените на недвижностите.
Во постапка е изработка на веб-сервиси за пристап (увид и продажба) до податоците од Регистарот на цени. Тие ќе овозможат онлајн увид и преземање, или продажба на податоци од Регистарот на цени и закупнини преку порталот за електронски услуги на Агенцијата за катастар на недвижности.Така, ќе се овозможи директен пристап до податоците од Регистарот на цени и закупнини на сите заинтересирани физички лица и професионални корисници за потребите на нивниот делокруг на работа (даночни одделенија во општините, судови, проценители, банки, вештаци и др.).
До каде е реализацијата на проектот за Адресен регистар, за којшто активности има уште во 2017 година?
– До крајот на јули 2023 година заврши теренското прибирање на податоците за улиците и куќните броеви и согласно одредбите од Законот за катастар на недвижно-сти воспоставен е Графичкиот регистар на улици и куќни броеви за сите населени места на територијата на државата. Графичкиот регистар на улици и куќни броеви е воспоставен врз основа на теренски прибраните податоци и претставува преодно решение до воспоставување на Адресниот регистар.
Апликацијата за Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, која се наоѓа на веб страницата на Агенцијата за катастар на недвижности, содржи огромен број на податоци и во неа може да се направи увид во теренски прибраните податоци за улици и куќни броеви.
Сите граѓани можат да коментираат во врска со точноста на теренски прибра-ните податоци, што значи дека секој граѓанин може да ги провери понудените податоци во однос на: името на единицата на локалната самоуправа; името на населеното место; името на улицата; куќниот број; бројот на влез; намената на објектот и многу други, да ги спореди со податоците од имотниот лист и да реагира доколку тие се разликуваат.
Коментарите се користат во процесот на потврдувањето на точноста (валидација) на адресните податоци од страна на општините. Тоа пак, ќе овозможи воспоставување на адресен регистар со двојно потврдени податоци. Исто така, за да се воспостави ажурен, сигурен и доверлив Адресен регистар, потребно е и општините активно да се вклучат во постапката на потврдувањето на теренските податоци. Тие треба да ги отстранат сите недостатоци во однос на именувањето на улиците, нумери-рање на објектите и нивна евентуална ренумерација.
Обуки се направени на сите вработени во општините (освен градот Скопје), посетени се сите општини и разговарано е со градоначалниците за важноста на овој процес.
Во моментот, Адресниот регистар, согласно постоечкиот закон се води во Централниот регистар на Македонија во кој е застапен само описниот дел, без графичка компонента и кој се полни со информации врз основа на податоците од електронската евиденција која ја водат општините и градот Скопје.
За конечен и функционален Адресен регистар, пред сè, треба да се донесе Закон кој ќе ја регулира оваа проблематика и ќе ги дефинира функциите и начинот на кој ќе функционираат сите вклучени актери и воопшто целиот процес.

Какво е значењето и кои се придобивките од ставањето во функција на адресниот регистар?
– Придобивки од востановениот Адресен регистар, ќе имаат сите институции, како и сите правни и физички лица во Република Северна Македонија. Со него ќе се овозможи на брз и лесен начин да се пребарува и врши идентификација на улиците, зградите и становите во просторот, ќе се осигури точноста на податоците.
Непосредни ефекти од воспоставувањето на Адресниот регистар се: подобрување на пристапот до квалитетни и ажурни информации; централизирање на инфор-мациите и поврзување на институциите; намалување на секојдневните трошоци за водење бизнис; намалување на времето потребно за праќање и за примање на пода-тоци; подобрување на комуникацијата во институциите.
Посредни ефекти од воспоставувањето на Адресниот регистар се: стимулирање на нови видови бизниси, како што се онлајн продавници; ефикасно пребарување на просторни единици од интерес, само со внесување на адресата; намалување на тро-шоците за дистрибуција на податоците и информациите; зголемување на квалитетот на поштенската испорака што ќе го поттикне пазарот да ги користи овие услуги; по-добрување на управувањето со катастрофи, односно кризи, што ќе резултира со нама-лување на трошоците за справување со засегнатите подрачја; бесплатен и неогранич-ен пристап до адреси е од огромна важност за јавноста и претставува средство во јав-ната администрација, индустријата и трговијата; служи како единствена референца за полицијата и службите за итни случаи (брза помош, пожарникари), транспортните услуги, логистиката, е-Влада, јавната администрација и граѓаните.
Значи, придобивките од активен Адресен регистар се огромни. Во моментот секоја институција води различни податоци за адресите на граѓаните (ЕВН, водовод, МВР и др) и тие се разликуваат една со друга. Со воспоставување на Адресниот регистар, ќе постои унифициран начин на водење на адресите и преку сервиси секоја општина, институција ќе може да ги користи. Со еден збор, ќе има унифицираност во податоците за адресите. Со тоа, ќе се избегне разноликоста на податоците. Како пример, би го навел тоа дека во една зграда дел од становите се водат на една улица, друг дел на друга. При промена на имињата на улиците, во некои документи стои старото име во други новото и слично.
Каков предизвик е овој проект за Катастарот, кој сè е вклучен во активностите и колку ја чини државата овој проект?
– Предизвикот е огромен. Се работи за навистина комплексен проект. Долготраен беше процесот на собирање на податоците на терен, нивна обработка, компарации и сè што понатаму е потребно, за да се искристализира и добие точен податок за адреси и куќни броеви од терен, односно да се утврди фактичката состојба. Но, Агенцијата за катастар на недвижности во моментот не може сама да ги заврши активностите. Потребно е вклучување на сите инволвирани страни во овој процес, а најголемиот товар треба да го понесат општините и градот Скопје.
Покрај тоа што е комплексна, оваа интервенција е и многу скапа. Заради посебното значење на проектот за Адресен регистар, Агенцијата за катастар на недвижно-сти доби финансиска поддршка од страна на Шведската агенција за меѓународна соработка – СИДА за теренско прибирање на податоците за улиците и куќните броеви. Теренското прибирање на податоци за улици и куќни броеви беше потпомогнато и со средства во рамките на програмата IPA/2019/PG/0168-6574 за финансиска подршка од страна на Европската Унија. И на крај морам да го споменам и сопствениот придонес на државата, секако преку Агенцијата за катастар на недвижности. Покрај потребниот кадар, техника и опрема, АКН издвои и свои средства во интерес на целиот овој проект кој е од полза на сите граѓани.

На што работи и што е клучен предизвик за Катастарот во насока на натамошна дигитализација на работните процеси и услугите за граѓаните?
– Агенцијата за катастар на недвижности во своја надлежост има неколку електронски системи преку кои министерствата, општините, професионалните корисни-ци, граѓаните и сите други заинтересирани правни лица можат целосно да добијат дигитални услуги.
Дигитализацијата е процес кој бара посветеност, следење на технолошкиот развој, пред сè на хардверските и софтверските решенија и нивна имплементација за обезбедување квалитет и безбедност на услугите кои се нудат.
Најзначаен дигитален систем за Агенцијата е електронскиот катастар преку кој целосно се овозможени дигитални услуги за нашите професионални корисници, пред сè за нотарите, приватните геодетски компании, адвокатите, проценителите и други. Системот секојдневно опслужува околу 2000 корисници и преку него на годишно ниво дигитално се процесираат околу 1 милион предмети кои се поврзани со запи-шувањето на правата на недвижностите и промените поврзани со нив. Агенцијата за катастар не недвижности во овој период интензивно работи на создавање на нов систем за електронски катастар кој ќе има за цел да го модернизира и осовремени постојниот систем и да овозможи ефикасен, транспарентен и унифициран начин на постапување според најсовремените светски стандарди.
Дигитални онлајн услуги Агенцијата за катастар на недвижности, обезбедува преку веб базираниот информациски систем на Агенцијата, а тоа е електронскиот портал „е-услуги“. Во моментов, на овој портал објавени и достапни за користење се 104 дигитални услуги, односно сервиси преку кои граѓаните може да пристапат и да ги преземаат продуктите во дигитална форма, без притоа да има потреба да доаѓаат на шалтерите. Тековно се работи на подобрување на функционалноста на овој портал во модулите за инфраструктурни објекти, административни граници, картографски продукти, геодетски точки и веб сервиси. Следната година бројот на електронски услуги ќе се зголеми со нови дигитални услуги на овој портал, особено кај инфраструктурниот катастар.
Дел од процесите на дигитализацијата е и националниот НИПП гео-портал кој е во надлежност на Агенцијата. Тој овозможува квалитетно собирање, водење, прис-тап, употреба и размена на геопросторните податоци на национално ниво. Порталот, на корисниците им овозможува пристап и користење на податоците во форма на веб сервиси за преглед и презмање податоци. На националниот гео-портал можност за објавување на податоци имаат 12 Министерства, 8 Владини агенции, Градот Скопје и две стопански комори. Во моментов достапни за користење се 316 метаподатоци и 153 веб сервиси кои се однесуваат на 163 збирки на просторни подататоци. Агенцијата за катастар на недвижности своите збирки на просторни подататоци целосно ги хармо-низира во согласност со европската ИНСПИРЕ директива и тие се достапни за кори-стење. Како дел од порталот се и отворените податоци кои корисниците може да ги преземаат без плаќање на надоместок. Што се однесува до понатамошниот развој на националниот гео-портал, Агенцијата планира воведување на модел за лиценцирање на отворените податоци со кој ќе се регулираат авторските права и објавување на Националниот регистар на збирки на просторни податоци.
Кога веќе станува збор за процесите на дигитализација, ќе се осврнам и на топографските карти. Изработката на топографските карти е во надлежност на Агенцијата, и нивниот процес на продукција е комплетно дигитален, во растерски и век-торски формат. Заинтересираните лица топографските карти може да ги преземат преку дигиталните сервиси објавени на порталот е-услуги, но и на националниот НИПП-геопортал. Како дел од предизвиците со кои се соочува Агенцијата за катастар на недвижности во оваа област, е изработката на топографски карти согласно стандардите на НАТО. Оваа активност треба да се реализира во соработка со Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
Ова се само дел од дигиталните решенија на Агенцијата за катастар на недвиж-ности. Во идниот период продолжуваме со развојот преку имплементација на актив-ности кои ќе ги поддржат иновациите, ќе овозможат примена на новите трендови од областа на геопросторните податоци, примена на нови технологии, а сè во интерес на потребите на граѓаните и општеството.
Очекувам понатамошната дигитализација да резултира со нови услуги кои ќе овозможат јакнење на меѓуинституционалната координација и соработка, интероперабилност и градење безбедни системи за податоците и нивно користење при носење-то важни одлуки и политики во јавниот сектор.
За крај на ова тема, сакам да посочам на едно конкретно решение кое АКН, во согласност со заложбите за модернизација, го пушти во употреба, тоа е апликацијата за увид во статусот на барањата. Граѓаните и правните лица во реално време можат да го следат статусот на своите предмети, без потреба од физичко присуство. Оваа апликација е одговор на барањата за побрзи и поефикасни услуги. Наша-та цел е да ја направиме институцијата подостапна, а дигитализацијата останува клу-чен приоритет во овој процес.Апликацијата, е достапна преку веб-страницата на Агенцијата во делот „Увид во статус на предметот“. Со внесување на кодот од потврдата за прием, во секое време ќе можете да ги добиете основните информации за вашето барање.
Што покажуваат податоците за најкористени катастарски услуги и што отсликуваат тие во насока на натамошна урбанизација, развој и инвестиции?
– Убедливо, најкористена катастарска услуга е вадењето на имотните листови, што на некој начин е разбирливо. Секој граѓанин што ја започнува процедурата за впишување на својот имот, сака задолжително да го има финалниот продукт од целата постапка, а тоа е имотниот лист. Имотниот лист е доказ за поседување на недвижен имот во нашата држава.
Така, во однос на конкретните предмети, кои секојдневно пристигаат во Агенцијата, како што кажав, најголем дел од нив се однесуваат на барања за издавањето на имотни листови и спроведувањето на купопродажни договори и менување на носителот на сопственоста на одреден имот.
Колку за илустрација, во јули 2025 година преку еКат се издадени 4154 имотни листови, 2541 списоци на индикации за катастарски парцели, 381 изводи од катастар-ски план, итн.
АКН својата база, во врска со катастарските податоци, ја ажурира многу бргу, а катастарските податоци и катастарските планови, бесплатно се достапни на увид на јавноста преку ОССП порталот на АКН.
Сепак, најчесто, нашите граѓани им веруваат на печатените имотни листови и за нив треба да се поднесе барање на шалтер, но за нивното издавање не се чека, се издаваат во истиот момент. Исто така, сакам да потенцирам дека Агенцијата за катастар на недвижности има договори и има овозможено валидни имотни листови да може да се извадат во приватните геодетски фирми и кај нотарите. Што значи дека не мора да застанат на шалтерот на Агенцијата за катастар за да подигнат валиден имотен лист.

Каква е состојбата со ефикасноста во постапување со предметите, колку изнесува бројот на нерешени предмети, на што се должи тоа?
– Во ЦКН – Скопје и во подрачните одделенија, во периодот од првиот квартал на 2025 година има намалување на бројот на примени предмети во однос на последниот квартал од 2024 година за 1 процент, додека бројот на нерешени предмети е намален за 3 проценти. Вкупниот број на предметите кои се во процес на решавање на крајот од март 2025 година во однос на крајот од декември 2024 година, бележи намалување, така што нерешените предмети од 3.119 се намалени на 3.025. Инаку, она со што може да се пофали Агенцијата за катастар на недвижности е дека се решени сите заостанати предмети. Оние бројки што погоре ги наведов се новопримени предмети, кои се решаваат тековно.
На што најчесто се жалат граѓаните во користењето на услугите, а што истакнуваат како позитивно и што преземате во таа насока?
– Агенцијата за катастар на недвижности работи врз основа на принципите на законитост, стручност, ефикасност, отвореност, сервисна ориентација, професионалност и одговорност за работењето и постигнатите резултати.
Агенцијата за катастар на недвижности работи според Законот за катастар на недвижности, каде во член 146, каде што е опишано начело на законитост при запишувањето се вели дека: службеното лице при запишувањето во катастарот на недвижности не ја испитува законитоста и вистинитоста на содржината на правните основи што се поднесуваат при запишувањето, не ја испитува законитоста на постапката во која тие се донесени и не испитува дали правните основи се вистинити и во согласност со закон.
Имено, некогаш некои активности не се во наша ингеренција, зависат од општините (единиците на локална самоуправа), нотарите, или приватните геодетски фирми.
Ова го потенцирам затоа што во последно време сме споменувани во врска со легализациите. Тука надлежен орган не е АКН, туку единиците на локалната самоуправа. Значи, за нашите службеници е важно дали документите имаат печат, штем-бил, потписи и заверки, дали има соодветност на податоците дека се работи за таа и таа катастарска парцела, дали имаат геодетски елаборат.
Во Центарот за катастар на недвижности кој ги работи предметите за градот Скопје функционираат повеќе шалтери до 20 часот. Граѓаните можат и после своето работно време да ги побараат нашите услуги и не мора за тоа да излегуваат од работа. За оние кои имаат потреба од шалтерски услуги, АКН во скопската населба Автокоманда отвори подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар на недвижности, наменета за жителите на општина Гази Баба, но и за жителите на околните општини Бутел и Чаир. Претходно, отворена е канцеларија во Драчево, за жителите на Драчево, Пинтија, Зелениково, Долно Лисиче, Студеничани и околните населени места и е вра-тена во функција канцеларијата во општина Чашка.
Свесни сме дека корупцијата создава атмосфера на недоверба, нееднаквост и неправда, затоа Агенцијата за катастар на недвижности, со кампањата „Не биди соучесник – пријави обид за корупција“, веќе една година работи на подигнување на свеста за спречување на корупцијата во институцијата. Кампањата има за цел да ја подигне јавната свест за важноста на пријавувањето на корупцијата и евентуалната злоупотреба на службената положба.
Овозможивме сите граѓани, да пријават веднаш доколку се соочат со каква било форма на корупција. Само на тој начин можеме да придонесеме за изградба на поефикасна, правична и транспарентна администрација.
Пријавите за сомнеж или конкретен случај на корупција можат да се поднесат анонимно на електронската адреса: [email protected] или на телефон-скиот број 070/288-300. На позитивна реакција кај граѓаните наиде тоа што, иако, Агенцијата за катастар на недвижности во најголем дел e самофинансирачка институција која своите финансиски обврски ги подмирува самостојно, одлучи да ги намали цените на најчес-то користените катастарски услуги, за дури за 75 проценти.Наша цел е со вака намалените цени на катастарските услуги да успееме на што подолг рок да бидеме функционални, а развојот на самата институција да не би-де доведен во прашање.

Ексклузивно за МИА, сакам да ја промовирам следната наша активност, која е насочена кон зајакнување на принципите на законитост, стручност, ефикасност, отвореност, сервисна ориентација, професионалност и одговорност за работењето и постигнатите резултати. Со нова кампања „КАТАСТАРОТ ДО ТЕБЕ“, овој четврток започнуваме со посета на речиси сите општини низ државата. На располагање на граѓаните ќе им бидат раководни државни службеници кои се вработени во Агенцијата за катастар на недвижности ширум целата држава. Целта на оваа кампања е секој граѓанин својата недоумица и прашање за кои се обидува да најде одговор да ги постави до вработените од Агенцијата за катастар на недвижности и во директен разговор со нив да добие објаснување и одговор.
Лидија Велковска