Директорот на ФАО порачува дека се потребни силни партнерства за трансформација на земјоделско-прехранбените системи


Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) ја одржува 32. сесија на Регионалната конференција за Европа, виртуелно, каде домаќин е Владата на Узбекистан, а членките на ФАО ќе имаат можност да ја продлабочат дискусијата за како да се трансформираат земјоделско-прехранбените системи за да се направат поотпорни, одржливи и инклузивни – и на регионално и на глобално ниво.

Конференцијата ќе се фокусира на одржливи системи за храна и здрава исхрана во Европа и Централна Азија како една од главните теми. Дебатата има за цел да го претстави статусот на исхрана и одржливоста на системите за храна, идентификување на меѓусебните врски, предизвиците и можностите во регионот.

По тој повод првиот човек на ФАО, генералниот директор Чу Донгју, во едиторијал се осврнува на клучните предизвици со кои се соочува овој извонредно важен сектор, потенцирајќи ја важноста за силни партнерства за трансформација на земјоделско-прехранбените системи.

„Дури и пред пандемијата КОВИД-19, одржливоста на земјоделско-прехранбените системи веќе претставуваше загриженост во регионот, особено поради зголемените стапки на дебелина (околу 23 отсто од населението во Европа и 18 отсто во Централна Азија) и придружните незаразни болести, како и порастот на недоволна исхранетост и недостатокот на микронутриенти во некои земји“, вели во колумната Чу Донгју.

Тој додава дека во светло на претстојниот Самит на ООН за системи за храна 2021 година, Конференцијата ќе се фокусира на одржливи системи за храна и здрава исхрана во Европа и Централна Азија како една од главните теми. Дебатата ќе има за цел да го претстави статусот на исхрана и одржливоста на системите за храна, идентификување на меѓусебните врски, предизвиците и можностите во регионот.

Споредд него, влијанијата од пандемијата извршија голем притисок врз целокупната состојба со исхраната. Нема недостиг на храна, но економските падови и загубите на работни места создадоа сè повеќе ограничувања за луѓето да имаат пристап до хранлива храна и здрава исхрана.

Донгју оценува дека регионалните синџири за снабдување со храна функционираат добро, главно како резултат на посветеноста на земјоделците, кои направија огромен напор да продолжат со производство и берба на храна, и покрај пандемијата и рестриктивните мерки. Во Европа и Централна Азија, многу мали земјоделски стопанства и семејни земјоделци пријавиле дека користат лични заштеди за да ги покриваат оперативните трошоци, на штета на условите за живот за нивните домаќинства. И 85 проценти од нив истакнале дека нивниот опстанок зависи од континуираната владина помош за покривање на тековните трошоци.

„Во овој контекст, потребни се соодветни политики и јавно-приватни партнерства за решавање на потребите на производителите на храна и за подобрување на одржливоста на земјоделско-прехранбените системи. Поврзани прашања, како што се безбедноста на храната, зачувувањето на биолошката разновидност и дигиталните иновации ќе бидат високо на агендата на Регионалната конференција“, вели тој.

Во колумната тој се осврнува и на дигиталните технологии како што се сателитско снимање, далечински сензори и мобилни апликации ветуваат револуционерни промени за малите земјоделци и потрошувачите. Тие можат да помогнат во оптимизирање на синџирите на исхрана, да го зголемат пристапот до пазарите, да ги намалат загубите и отпадот од храна, да го подобрат управувањето со водата, да помогнат во борбата против штетниците и болестите – ова се само неколку од придобивките.

Но, Европа и Централна Азија не треба да ги ограничуваат своите дискусии на регионалната перспектива. Регионот има богатство на знаење и искуство што е од непроценливо значење за промовирање на одржлив развој ширум светот, а финансиската поддршка на европските земји е одамна клучна во борбата против гладот и сиромаштијата во земјите во развој, Африка, Азија и Латинска Америка.

Како што посочува Донгју, пред КОВИД-19, речиси 690 милиони луѓе беа потхранети во 2019 година на глобално ниво. Најновата проценка на ФАО сугерира дека пандемијата може да додаде до 132 милиони луѓе во редовите на недоволно исхранети во светот. Понатаму, околу 4,5 милијарди луѓе зависат од земјоделско-прехранбените системи за својата егзистенција, да се прехранат себеси и своите семејства.

Пандемијата ја зајакна важноста на тоа никој да не биде изоставен – водечки принцип на Агендата 2030. Повеќе од кога било, владите, меѓународните организации, приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница и другите релевантни партнери мора тесно да соработуваат за да ги надминат предизвиците што претстојат.

„Силните партнерства се во центарот на иницијативите на ФАО за промовирање на одржливи земјоделско-прехранбени системи, со крајна цел да се стави крај на гладот и сиромаштијата. Со нова Стратегија за ангажирање на приватниот сектор, ФАО има за цел да соработува со приватниот сектор за поддршка и зголемување на иновациите, промовирање инвестиции, мобилизирање на научна експертиза, генерирање податоци за следење на Целите на одржлив развој, засновани на размена на ресурси, мрежи, знаење и технологии“, вели Донгју.

ФАО, исто така, тесно соработува со парламентарците ширум светот, како стратешки партнери за подобрување на законските рамки, усвојување соодветни политики и застапување за распределба на ресурсите за спроведување на овие политики во секторот храна и земјоделство.

Пред пандемијата, ФАО ја започна иницијативата „Рака под рака“ (Hand-in-Hand Initiative) чија цел е да ги спои земјите донатори и приматели на помош за забрзување на иновациите, инвестициите, институционалните промени, земјоделската трансформација и одржливиот рурален развој засновани на податоци и информации. Иницијативата смета на најсовремени технологии, како што е Гео-просторната платформа Hand-in-Hand Geospatial Platform, која обезбедува клучни информации за донесување одлуки, и Лабораторијата за податоци Data Lab за статистичка иновација, која комбинира неконвенционални извори на податоци, големи податоци, вештачка интелигенција и научни податоци за донесување одлуки и проценка на влијанието. Веќе 29 земји учествуваат во иницијативата и исто толку изразуваат интерес да се приклучат во наредните месеци.

Донгју исто така нагласува дека како реакција на пандемијата, ФАО разви Програма за сеопфатен одговор и опоравување од ситуацијата со КОВИД-19 за акција на глобално, регионално и национално ниво. Програмата е дизајнирана да ги ублажи непосредните социо-економски влијанија, истовремено зајакнувајќи ја долгорочната еластичност на прехранбените системи и егзистенцијата – во согласност со пристапот на Обединетите нации за „градење за трансформација“ и во тесна соработка со разни партнери. Потребна е трансформациска промена во начинот на управување со нашиот биодиверзитет, производство и консумирањето на храната, како и односот со природата, доколку сакаме побрзо да се опоравиме од пандемијата КОВИД-19 и да ги постигнеме Целите на одржлив развој.

На 5 ноември, ФАО официјално ќе ја лансира Коалицијата за храна, мулти-партнерски, мулти-секторски механизам за мобилизирање на ресурси, експертиза и иновации што ќе ја поддржат Програма за сеопфатен одговор и опоравување од ситуацијата со КОВИД-19 и иницијативата „Рака под рака“. Преку промовирање на дијалог и размена на знаења и експертиза меѓу земјите и работејќи кон планови за дејствување фокусирани на решенија, Коалицијата за храна ќе ги прошири нашите партнерства и застапување. Задоволен сум што гледам дека околу 40 земји веќе изразија интерес да бидат активни партнери во Коалицијата за храна, што иницијално го конципираа Италија и други клучни партнери.

Во текот на целата 2020 година, ФАО се залагаше синџирите на храна да останат активни, нагласувајќи дека оваа криза може да се надмине само ако земјите соработуваат и тргуваат слободно. Многу земји во овој регион очигледно прават напори да ги подобрат своите трговски политики за земјоделски производи и ги охрабруваме да продолжат по овој пат.

„Седумдесет и пет годишнината од ФАО, која ја одбележавме пред неколку дена, е историска пресвртница што ја зајакнува нашата посветеност да обезбедиме пристап до хранлива храна за секого и да го елиминираме гладот еднаш засекогаш. 32-та сесија на Регионалната конференција на ФАО за Европа е значаен повод да се осигури дека оваа обврска е преточена во акција. Нови идеи, силни партнерства и нови начини на работа кон нашите заеднички цели за подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот“, вели во колумната Чу Донгју, генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).