Директорот на Централната национална библиотека на Италија во посета на НУБ


Директорот на Централната национална библиотека на Италија од Рим, Андреа де Пасквале, денеска и утре ќе ја посети Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Како што информира НУБ, денеска пред присутните во библиотеката е предвидено обраќање на италијанскиот директор и на директорот на НУБ, Фримзим Даути, а двајцата директори ќе остварат и работна средба. Се очекува да се обратат и Хисни Исмаили, министерот за култура и Н.Е. Карло Ромео, амбасадорот на Италија во земјава.

-Претседател на Институтот „Данте Алигиери“, Ладислав Цветковски, ќе го претстави проектот „Biblioteca digitale Italiana in Macedonia de Nord“. Специјално за оваа посета ќе биде подготвена изложба на која ќе се претстави дел од културното наследство од исклучително значење што се чува во посебните збирки на НУБ „Св. Климент Охридски“, се наведува во соопштението на НУБ.

Утре италијанскиот директор ќе одржи предавање во Центарот за конференции и студии, потоа ќе следат уште две презентации подготвени од вработените во Националната Универзитетска Библиотека.

Посетата е организирана во рамки на проект финансиран од страна на Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје.